
Игор Ивановски, Андреј Петров, Гордан Георгиев, Никола Ќуркчиев, Славјанка Петровска и Емилијан Станковиќ, како дел од демократската платформа „Разговори за иднината во 12:05“, денеска најавија дека ќе упатат конкретно барање до раководството на СДСМ и лидерот Венко Филипче за структурни промени во партијата и суштинска промена на начинот на кој таа функционира. На денешниот брифинг со новинарите тие ги најавија нивните следни чекори и цели за, како што рекоа, конечен здрав напредок на Македонија кој не може да се оствари со актуелното раководство на СДСМ.
Тие категорично ја отфрлаат идејата за формирање на нова партија, зошто сакаат да видат промени во својата партија, со враќање на демократските механизми и на партијата кон членството и граѓаните, како и формирање на голем опозициски фронт, кој не е можен со сегашното раководство.
Ние сме СДСМ. Никој на „Бихаќка“ нема право да ја зема партијата под свое. Нема да формираме партија, нема да бидеме ниту ЗНАМ, ниту НСДП. Нема да креираме независни листи за избори, без разлика дали ќе се предвремени во 2027 година или редовни во 2028 година. Сакаме да ги привлечеме граѓаните во нашата мултиетничка платформа. Целта ни е промени во раководството на СДСМ, за на крај овој фронт да се соочи со власта на изборите и да ја победи – рече Ивановски.
Ивановски оцени дека партијата која некогаш се борела против „заробена држава“ денес станала „заробена партија“, поради што, како што смета, промените треба да започнат внатре во СДСМ. Тие тврдат дека имаат разработен план за тргање на Филипче од лидерската позиција.
Имаме план и ќе делуваме брзо. Сакаме на Венко Филипче да му дадеме уште една шанса да се освести и да работи во прилог на ваквата кауза. Тој не е претставник на членството на СДСМ, тој зема членска книшка пред да стане министер. Кога ние се боревме против режимот, Филипче беше дел од контрапленумот. Имаме план како да предизвикаме структурни промени во СДСМ, потенцираат од Платформата 12:05.
Пратеничката Славјанка Петровска рече дека нивото на политичка дебата во моментов е ниско.
Некои прашуваат зошто сега сме се појавиле. Ние сега само медиумски се експонираме, а најмалку 2 години наназад, секој поединечно и без меѓусебен договор комуницираме со раководството на СДСМ за аномалиите и за пропустите. Имав со претседателот неколку средби на тема СДСМ. Моите констатации завршуваа или со премолчување или со постигнување договор па неспроведување на договореното. Поентата е дека ако не се промени, СДСМ ќе исчезне – рече Петровска.
Следната рунда разговори на демократската платформа ќе се одржи в сабота во 12:05 часотм во хотелот „Стоун Бриџ“. Како што беше најавено на неа ќе треба да стане збор меѓу другото за: преиспитување на клучните предизвици од независноста до денес; сторените грешки наспроти постигнатиот напредок; практикувањето на власта како парадигма на актуелната безнадежност; научените лекции од минатото и можни патишта за иднината; нов општествен договор како нужност за враќање на Македонија на стратешкиот колосек.

Македонски


