Skip to main content

Кампањата „Поддршка за згрижувачките семејства“ продолжи во Битола

Министерството за социјална политика, демографија и млади во соработка со компанијата ВЕРО, денеска во Битола продолжија со националната кампања „Поддршка за згрижувачките семејства“.

Згрижувачките семејства се директна и максимална поддршка на системот на социјална и детска заштита. Во земјава има над 360 згрижувачки семејства кои згрижуваат над 600 деца, истакна Ѓоко Велковски, заменик-министер за социјална политика, демографија и млади.

Со оваа кампања во текот на целата година имаме можност на овие дечиња и сите други што се во нашиот систем на социјална и детска заштита да ги израдуваме и да бидат посреќни во текот на целата година. Министерството за социјална политика, демографија и млади, има можност да биде директна поддршка за дечињата без родителска грижа и деца со посебни потреби. Денеска имаме над 360 згрижувачи со над 600 дечиња, а во битолскиот регион има над 45 згрижувачки семејства со над 50 згрижени деца. Оваа кампања и во иднина ќе ја поддржиме со цел да се зголеми бројот на згрижувачки семејства кои што се директна и максимална поддршка на самиот систем на социјална и детска заштита, посочи Велковски.

Во изјава за медиумите, Велковски најави дека Министерството за социјална политика, демографија и млади во текот на 2025 година ќе изврши ревидирање со цел зголемување на надоместокот што го добива едно згрижувачко семејство.

На згрижувачките семејства секој месец им се доделуваат над 18.000 денари во зависност од бројот на сместени деца и категоријата, но размислуваме во текот на 2025 година да направиме ревидидирање на овој систем бидејќи сите трошоци се зголемени, сумата што ја добиваат згрижувачите не е променета, а тие 24 часа се посветени на овие дечиња. Во моментов доволна е потребата за згрижување и сите деца се згрижени, но ние ќе работиме, и во текот на 2025 година ќе се обидеме да го зголемиме бројот на згрижувачки семејства што ќе значат брза реакција за згрижување на некое дете доколку тоа е потребно. Ние постојано работиме за да имаме стабилен социјален систем, нагласи Велковски.

Националната кампања се спроведува под платформата „ВЕРО за тебе“ и го нагласува значењето на згрижувачките семејства и центрите за лица со попреченост.

Поддршката на згрижувачки семејства е еден од нашите приоритети. Ние како општествено одговорна компанија ги поддржуваме овие иницијативи и ќе бидеме активни учесници во овие иницијативи со цел да дадеме поддршка на најранливите категории, истакна Петар Денковски, директор на ВЕРО.

На јавниот настан во Битола, Министерството за труд и социјална политика и претставниците на ВЕРО, на згрижувачките семејства и згрижени деца им доделија новогодишни пакетчиња.

Поврзани вести