Skip to main content

Јаневска: Психолошка поддршка за сите ученици

Министерството за образование активно презема мерки за поддршка на учениците што се засегнати од трагедијата во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани.

Од првиот ден им помагаме на учениците што се засегнати директно или индиректно. Во соработка со УНИЦЕФ,  клинички психолози и психијатри при Комората на психолози и Црвениот крст, обезбедивме психолошка поддршка за сите ученици во државата, а фокус ќе биде ставен на општините што беа засегнати – изјави министерката Весна Јаневска.

Таа нагласи дека веднаш по трагедијата, биле подготвени насоки за училиштата, наставниците и за родителите за постапување и давање психолошка и психосоцијална помош. Овие насоки се достапни на пет јазици.

Формиравме мрежа од 100 училишни психолози, кои се насочени кон општините засегнати од пожарот, но и кон другите делови од земјата. Дополнително, на веб-страницата на Министерството за образование објавивме листа со телефонски контакти на 40-мина психолози, кои се постојано достапни за разговор, како и наменски телефонски линии за психолошка помош – истакна министерката.

Јаневска информираше дека граѓаните можат да побараат помош и од центрите на Црвениот крст, како и од Центарот за ментално здравје во Кочани, каде што се ангажирани психијатри од Клиниката. Дополнително, на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип функционира младинско советувалиште со психолози, кое, исто така, е на располагање.

Поврзани вести