
Денеска, еден ден пред утрешното гласање за локалните избори, гласаат 2.162 затвореници и лицата во домашен притвор, 8.851 болни и немоќни лица и 442 лица во старските домови.
Во КПД Идризово ќе гласаат 938 затвореници, во затворот во Шуто Оризари 391, во штипскиот затвор 237, во прилепскиот 119… Во своите домови ќе гласаат и лица кои се пријавиле за гласање, а се во куќен притвор.
Членови на избирачките одбори денеска во нивните домови треба да посетат 8.851 болни и немоќни лица кои побарале и им било прифатено да гласаат. До ОИК пристигнале 9.217 пријави за гласање на болни и немоќни лица, а прифатени беа 8.851.
Во старските домови ќе гласаат 442 возрасни лица, наместо 450 лица. Бројката се намали за осум лица откако Министерството за социјална политика, демографија и млади, како што соопшти ДИК на седница пред неколку дена, извести дека старскиот дом Арија е затворен.
Во Македонија утре ќе се одржат осмите локални избори од независноста на државата, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Ќе се гласа на 3.474 избирачки места за 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети или за вкупно 10.490 кандидати.
На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури.
Најмногу кандидати за градоначалници има за Градот Скопје – 16.
Право на глас на локалните избори имаат 1.832.415 гласачи, од кои 1.717.803 во Македонија, а останатите 112 илјади се запишани во посебниот Избирачки список со лица кои се иселени од државата. Гласање во дијаспората за локалните избори нема, но доколку лицата кои се на привремена работа или живеат во странство допатуваат во земјата ќе можат да го остварат своето право на глас.
Гласањето започнува во 7, а завршува во 19 часот.
Изборната кампања за локалните избори заврши синоќа на полноќ кога почна молкот пред гласањето в недела на 19 октомври.
Правилата за изборен молк важат до 19 октомври во 19 часот.