
Македонија инфраструктурно се развива со засилено темпо. Се градат патишта и автопатишта во сите делови на државата. Вакво вложување во патната инфраструктура, вакви градежни активности на неколку делници истовремено, во повеќе делови од државата, до сега немало, изјави Душко Иванов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Покрај актуелните што се градат со несмалено темпо, веќе од следниот месец, во август почнува изградбата и на автопатот Скопје-Блаце, проект којшто со децении беше најавуван, а единствено само се купуваа парцели вдолж предвидената траса.
Автопатот во должина од 10,5 километри на исклучително тежок терен на падините на Скопска Црна Гора е со вкупна вредност од 235 милиони евра, од кои 30,8 милиони се грант од ЕБОР, а рокот за изградба е четири години.
Скопје-Блаце ќе ги поврзе Македонија со Косово и ќе продолжи понатаму кон Тирана и Драч, како и кон Бар. Со тоа, кон Скопје се отвора уште едно пристаниште и уште една можност за трговија, бизнис и развој на туризмот.
Од друга страна, интензивно се работи на автопатот Охрид-Кичево и се решаваат наследените проблеми. За таа цел, се потпиша Анекс на договорот со кој се засилува динамиката на изградба и се смени Правилникот за технички услови со што се смени рецептурата на асфалтот за да може да се продолжи со завршно асфалтирање“, потенцира во изјавата.
Тој кажа дека го ефектуиравме Анексот и средствата за доизградба на проектот ги ставивме на располагање, се постигна и договор со изведувачот за откажување од арбитражната постапка со што на државата и се заштедуваат 50 милиони евра, се изнајде решение и за косините со т.н. галерии.
Паралелно со решавање на овие наследени проблеми се засили изградбата на автопатот, така што во употреба за возење се пуштија 37 километри од самата делница, а до првиот квартал во 2027 година се очекува, автопатот Кичево-Охрид целосно да биде завршен, закличи Иванов.
Со останатите капитални инфраструктурни проекти, меѓу кои и автопатиштата од коридорот 8 и 10д, во Македонија се случува голем градежен бум, до сега невиден во поновата историја на државата. Изградбата на овие автопатски артерии е важен чекор во реализација на стратешката визија, Македонија да стане клучна сообраќајна раскрсница на Балканот, нотира Душко Иванов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Македонски



