
Многу години наназад образованието било поле каде што се судрувале политички копја, но откога јас сум министер постојано повторувам и јасно дадов на знаење дека политиката мора да ги тргне рацете од образованието, затоа што, не е тоа флоскула туку реалност – образованието е еден од најсилните столбови на државата и е потребно во сите ресори. Целиот хуман капитал кој го има државата потекнува од образовниот систем, вели министерката за образование Весна Јаневска во интервју за МИА, дискутирајќи ги трите закони за унапредување на високото образование со многу клучни новини, а кои во моментот се „заглавени“ во Собранието.
Да, законите се во собраниска процедура и не можеше да продолжи првата јавна расправа за сите три закони, затоа што, на некој начин, расправата беше блокирана за на крај да се договориме, всушност Собранието да одлучи дека ќе продолжи кон крајот на август. Проблемот е што за сите закони во образованието има потреба од Бадентер, што некогаш се користело како позитивна алатка за зачувување на правата на помалите етнички заедници во државата. Но факт е, ние имаме сигурни докази и статистика дека понекогаш оваа алатка е неправилно користена, па дури и злоупотребувана. Оттука, јас би сакала само да кажам дека овие три закони се закони кои треба да донесат добробит на нашите млади, на студентите, на сите студенти, од сите етникуми и од сите политички партии. Па ако зборуваме за Бадентер, зборуваме за, да речеме, партии во кои членуваат повеќето Албанци, станува збор и за нивните деца. Иако сите деца се наши, нема ваши, наши, ова е една единствена држава и е во корист на сите наши студенти, без оглед на која струка се, на кој факултет и на кој универзитет, вели Јаневска.
Притоа, потенцира таа, во законот има само подобрување на квалитетот – на наставниот кадар, на условите за учење, можностите кои ќе ги добијат студентите, можностите кои ќе ги добијат наставниците.
Иако, нели, имаше многу дискусии во однос на критериумите за избор, сè е тоа надминато оти имавме толку широка и долготрајна расправа, и на ЕНЕР, и писмена и усна, што сметам дека поголемиот број од академската заедница навистина ги прифаќа законите. Секогаш има луѓе кои ќе најдат некаква мана. Оттука сметам дека ќе надвладее разумот и дека Собранието ќе собере сили да ги надмине политичките прашања, односно да не бидат овие три закони прашања со кои ќе се решава некое друго прашање. Сите прашања треба да ги реши државата, на полесен, можеби и на потежок начин, но не смее во решавањето на други прашања да се вметнува и образованието. Особено затоа што ние, навистина, малку доцниме и немаме време да вметнуваме и да се расправаме политички за нешто што е толку многу значајно. Јас сум длабоко убедена дека ќе надвладее разумот затоа што, повторувам, во корист е на сите млади во земјава, вели Јаневска.

Македонски


