
Претседателот на Собранието Африм Гаши упати честитка до сите граѓани по повод 34-годишнината од осамостојувањето на државата. Во честиката Гаши повикува на обединување околу вредностите на сплотеност и посветеноста за исполнување на аспирациите на земјата.
– Денот на независноста е посебен момент, можност да се потсетиме на големите достигнувања на нашата држава и да не потсети дека независноста не е само подарок, туку завет наследен од минатото, обврска за сегашноста и водич за иднината. Овој завет не обврзува да изградиме силна, демократска и стабилна држава, каде што секој граѓанин без разликa ќе се чувствува еднаков и почитуван, вели Гаши во честитката.
Порачува дека е време секој да придонесе во зајакнување на мирот, стабилноста и соживотот и сите заедно да работиме за посилна, поправедна и пообединета држава.
– Само со сплотеност и заедничка посветеност можеме да ја реализираме визијата за посветла иднина на нашата држава и за идните генерации. Македонија, 34 години по прогласувањето на независноста, е држава која напредуваше во многу аспекти и стекна почит на меѓународната сцена. Како стабилен сојузник на НАТО и како земја кандидат за членство во Европската Унија, ова е момент кој од нас бара да продолжиме со напорите за изградба на побезбедна и посветла иднина за идните генерации, вели Гаши.