Skip to main content

ФЗО во август исплати над 623 милиони денари за боледувања, над 414 милиони денари за породилно отсуство

Архива

Фондот за здравствено осигурување во текот на август 2026 година исплати вкупно 623.150.780 денари по основ на надоместок на плата за привремена спреченост за работа, од кои дури 414.050.780 денари се исплатени за породилни отсуства, се вели во соопштението испратено од ФЗО до медиумите.

Станува збор за исклучително висока месечна реализација, постигната со засилена обработка на предметите и внимателно планирање на расположливите средства, со јасна цел – исплатите кон осигурениците да се одвиваат редовно и со стабилна динамика.

При обработката на предметите се почитуваше хронолошкиот редослед, при што приоритет беше даден на осигурениците чии барања се со постар датум. Со ваквата динамика, Фондот создаде услови надоместоците за боледување, а особено надоместоците за породилно отсуство, да се исплаќаат тековно и редовно.

Посебен приоритет на исплатата на породилните надоместоци беше даден по насока на генералниот директор на Фондот, Златко Перински. Со внимателно планирање и ефикасно управување со средствата, во август беа обезбедени над 414 милиони денари само за породилни надоместоци, без притоа да се наруши редовното подмирување на останатите финансиски обврски на Фондот.
Ваквиот пристап ќе продолжи и во наредниот период. Редовната исплата на боледувањата, со посебен фокус на породилните надоместоци, останува еден од приоритетите на раководството на Фондот, паралелно со обезбедувањето финансиска стабилност и непречено извршување на сите останати обврски кон осигурениците и здравствениот систем.

Поврзани вести