
Македонија ја почнува новата учебна година со поразителни бројки – 3.000 првачиња помалку, 433 паралелки помалку и 26 затворени училишта, најтажен почеток на школска година во државата – истакна денеска на прес-конференција претседателот на СДСМ, Венко Филипче, и порача дека празните училници се еден од најсилните показатели за последиците од политиките на актуелната власт.
– Денеска почнува новата школска година и би рекол дека потажен почеток на школска година досега оваа држава немала. Имено, 3.000 деца помалку запишани во прво одделение, 433 паралелки помалку, 26 затворени училишта. Нема поголем и подобар показател за лошите политики на Владата предводена од Христијан Мицкоски од оваа бројка – рече Филипче.
Тој посочи дека минатата година во прво одделение биле запишани 17.900 деца, а оваа година 14.900.
– Овие 3.000 деца помалк, значат 3.000 семејства. Што се случило со тие луѓе? Сигурно не е тоа резултат само на демографските движења, тие луѓе, едноставно, се иселиле. Зошто? Затоа што не ја гледаат иднината во земјата. Гледаат дека нема мерки, дека ништо не се случува, дека нема напредок, дека нема добри економски политики, дека нема поддршка за граѓаните, особено за младите брачни парови и нормално луѓето си ја гледаат и иднината надвор од земјата – посочи Филипче.

Македонски

