
Фасцинантно е како денеска, повеќе од еден век подоцна, се живи и актуелни идеите, пораките и вредностите на нашиот најголем револуционер, великанот Гоце Делчев, рече денеска претседателот на СДСМ Венко Филипче.
Филипче кој положи цвеќе во црквата „Свети Спас“ каде беше одбележана 122-годишнината од смртта на Делчев, потенцира дека како општество се уште имаме многу работа пред себе.
Дел од визиите на македонскиот револуционер денеска звучат дури и поактуелно отколку во неговото време. Тоа е јасен сигнал дека како општество се уште имаме многу работа пред себе, дека треба да ги имплементираме сите тие негови пораки од визијата за слободна и независна Македонија, истакна Филипче.
Тој повика, во време на глобална технолошка трансформација, доминација на вештачка интелигенција и социјални медиуми, да се вратат суштинските вредности што ги промовирал Делчев: единство, заедништво, културен натпревар и градење национален идентитет преку прогрес, а не преку изолација или пасивност.
Ако Гоце Делчев кажал дека сме поделени како нација, ние тоа го сведочиме и денес, повеќе од еден век подоцна. Ако кажал дека треба сето да се разбере како поле за културен натпревар на народите, треба да работиме во таа насока – а не младите да го сфаќаат светот како поле за карта во еден правец. Ако кажал дека Македонија е полето каде што ние треба да делуваме, треба сите заедно да сфатиме дека само заеднички можеме да направиме тоа – да ја унапредуваме и надградуваме Македонија, и со човечки капацитет и со вредности, подвлече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.