Skip to main content

Филипче од Кривогаштани: Жалосно е што во Пелагонија родот се истура по улици

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина во Кривогаштани, силно ја критикуваше Владата на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Мицкоски за колапсот во земјоделството и негрижата кон земјоделците.

„Земјоделците, кои се гордоста на оваа земја, денес се понижени. Ветуваа дека ќе има сигурен откуп, фер цена, редовни субвенции. А што добија македонските земјоделци? Разочарување, додека гледаат како нивната мака и пот скапува по нивите”, порача д-р Филипче.

Тој потенцираше дека ајварката денес се истура по улиците, поради ниската откупна цена и катастрофалните политики на власта, кои наредната година ќе доведат до рекордно најниско производство.

„Владата на Мицкоски ветуваше 45 денари по килограм, а реалноста е само 20 денари. Но и тие 20 денари не ги плаќаат навреме. Жалосно е во срцето на Пелагонија, во место што е симбол на чесна работа, упорност и резултат, да се истура родот на улица, поради катастрофалните политики на ВМРО-ДПМНЕ”, истакна д-р Филипче, предупредувајќи дека наредната година ќе имаме рекордно најниско производство.

Филипче укажа дека само 30% од субвенциите за минатата година се исплатени, а земјоделците што цела година работеле и вложувале, сè уште ги чекаат своите пари.

„И житото е оставено без поддршка. Го укинале и додатокот од 3 денари за килограм жито, а на сточарите им ги намалиле субвенциите – од 12.000 на 8.000 денари по грло добиток,“ рече Филипче, додавајќи дека ваквата влада мисли само на ПР и нарачани бројки, а не на реалните проблеми на луѓето.

„Гледате дека имаме власт која нема чувство за реалност, власт што живее во статистики, нарачани анкети и реклами, а не меѓу луѓето и нивните проблеми. Имаме власт што го сврте грбот на работникот, на земјоделецот, на пензионерите, на студентите, на секој човек што се бори чесно да преживее”, порача д-р Филипче на граѓанската трибина на СДСМ и Коалицијата „Се бориме за нашиот дом”, во општина Кривогаштани.

Поврзани вести