
За обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека поседува златна виза за Дубаи, претседателот на СДСМ, Венко Филипче целосно демантираше. Тврди дека нема виза која што е поврзана со инвестиции или со недвижности.
-Немам илјадници евра, немам сметки…Немам виза која што е поврзана со милиони, авиони, камиони, рече Филипче, одговарајќи на новинарско прашање, додавајќи дека има само „виза која што му овозможува да патува“.
На констатацијата на една од новинарките дека од денеска, македонските граѓани без визи ќе можат да патуваат во ОАЕ, Филипче само се насмеа.

ВМРО-ДПМЕ го прашуваше лидерот на СДСМ и неговиот претходник, Зоран Заев да кажат дали поседуваат „златни визи за Дубаи и колку милиони им се трансакциите во Дубаи“.
-Додека Заев, како инвеститор, гради згради во Дубаи и му прави засолниште на Филипче, тој му ја чува фотелјата во СДС. Зоран Заев со една рака на срце се колнеше во македонската жица и тврдеше дека си ја сака земјата, додека со другата ја распродаваше и делеше стотици милионски тендери на своите роднини и фирми. И додека се празнеше буџетската каса, а народот осиромашуваше, Заев профитот и провизиите од криминалните зделки ги инвестира во Дубаи каде што најде сигурно прибежиште. Филипче, продолжената рака на Заев, додека му го чува партиското столче и глуми загрижен за социјалдемократските вредности да им каже на сопартијците и граѓаните дали поседува златна виза и дали има луксузен стан во Дубаи, велеа од најголемата владеачка партија.
На почетокот на ноември лани, повеќе македонски портали објавија вест како Филипче заедно со екс-лидерот на СДСМ неодамна присуствувал на забава во градот Дубаи, во Обединетите Арапски Емирати, каде што со другите гости уживале во песните на српскиот фолк-пејач Харис Џиновиќ. Во веста порталите објавија и видео-снимка што наводно е од забавата, а на која Филипче и Заев можат да се забележат во добро расположение.