
Министерството за дигитална трансформација денеска информира дека се достапни две нови услуги на националниот портал за електронски услуги – uslugi.gov.mk, кои се однесуваат на Министерството за внатрешни работи.
Како што посочуваат од Министерството, станува збор за многу користени потврди за моторни возила кои се употребуваат во прометот – потврда за моментална сопственост на моторни возила за физички лица и потврда за поседување на моторни возила за одреден временски период за физички лица (историјат за возило).
Овие две услуги отсега се достапни во електронска форма и истите можат да се употребуваат во правниот промет. Нивното добивање е достапно и во центрите за услуги на Министерството во Скопје (Центар), Аеродром, Куманово, Тетово, Јегуновце, Битола, Охрид и Штип.
Дигитализацијата на овие нови услуги на Националниот портал е значаен чекор напред во насока на транспарентност и ефикасност на институциите. Со нивното дигитализирање, граѓаните добиваат ефикасна услуга, јасен увид во постапките, намалувајќи ја можноста за злоупотреби и зајакнувајќи ја довербата во јавната администрација, соопштуваат од Министерството за дигитална трансформација.