
Демократската унија за интеграција (ДУИ) соопшти дека нејзиниот претседател Али Ахмети на 17 октомври, во последниот ден од изборната кампања, ќе ги откаже сите планирани партиски активности за да учествува на општонародниот протест во Тирана. Настанот го организираат организации произлезени од војната на ОВК, а ќе се одржи на плоштадот „Скендербеј“ со почеток во 17 часот под мотото: „Правда за ослободителите, против неправдата во Хаг“.
Ахмети, кој веќе присуствуваше и на протестот во Приштина, како еден од основачите на Ослободителната војска на Косово, ја прифатил поканата да биде дел од протестот во главниот град на Албанија.
„За ДУИ и за претседателот Ахмети, војната на албанскиот народ предводена од Ослободителната војска на Косово беше праведна, неопходна и поддржана од целиот демократски, западен и слободољубив свет“, се наведува во соопштението.
Од партијата нагласуваат дека бројните судски процеси по завршувањето на војната ја потврдиле чистотата на борбата за слобода, демократија и независност.
ДУИ посочува дека „правдата за албанскиот народ не може да се гради врз политички процеси наметнати од Русија, ниту врз докази фабрикувани од Србија“.
„Претседателот Али Ахмети е неразделен дел од борбата за слободата на албанскиот народ и токму поради тоа силно го поддржува протестот во Тирана, откажувајќи ги сите изборни партиски активности“, стои во реакцијата.