Skip to main content

Директорот на Психијатриската болница „Скопје“ изрази жалење за пациентот кој го загуби животот по физичка пресметка

Директорот на ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“, Хиса Авдулаи, изрази длабоко жалење и сочувство до семејството на пациентот кој трагично го загуби животот откако бил повреден во физичка пресметка со друг пациент во установата. Тој и покрај лекарската интервенција, починал на Универзитетската клиника за ТОАРИЛУЦ.

Ја информирам јавноста дека во раните утрински часови на 5 август 2025 година, во Одделот за лекување на осудени лица при ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“, се случи несреќен настан со трагичен исход. Околу 00:50 часот дојде до физичка пресметка помеѓу двајца пациенти, при што едниот од нив, пациент на возраст од 62 години, беше повреден. Медицинскиот персонал веднаш интервенираше и повика Итна медицинска помош. Пациентот беше пренесен на Универзитетската клиника за ТОАРИЛУЦ, каде, и покрај укажаната лекарска грижа, му беше констатирана смрт, вели за МИА директорот Авдулаи.

Настанот бил веднаш пријавен до Министерството за внатрешни работи, а надлежните служби, вклучително и дежурен јавен обвинител, извршиле увид на лице место.

Директорот вели дека во тек се сите потребни постапки за целосно расветлување на случајот, а болницата целосно соработува со истражните органи. Другиот пациент моментално се наоѓа под постојан полициски надзор, согласно насоки од јавниот обвинител.

Во свое име и во име на установата, изразувам длабоко жалење за настанот и упатувам искрено сочувство до блиските на починатиот пациент, изјави директорот Авдулаи.