Skip to main content

Димитриевски: Оваа Влада не ја тресе ниту еден корупциски скандал, такво нешто беше незамисливо во минатото

Оваа Влада ја отсликуваат поголем број позитивни работи, но најбитно во моментов е што не ја тресе ниту еден крупен, па дури ниту ситен корупциски скандал како што тоа беше незамисливо во минатото, рече претседателот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриески, говорејќи за едногодишниот мандат на коалициската Влада.

Во „Вести плус“ на Канал 5 телевизија тој посочи дека полека се стабилизираат работите и државата од еден тежок минус доаѓа на позитивна нула и следува период на позитивни политички решенија кои ќе бидат преточени низ различни форми на закони и реализација на голем број проекти.

Говорејќи за задолжувањата и кредитите, Димитриевски рече дека „во минатото се задолжувавме нетранспарентно и по неповолни кредити, а денес се задолжуваме транспарентно и се држи одреден финансиски баланс“.

Оваа Влада се обидува да ги врати средствата и да ги насочи кон граѓаните, да го врати националното достоинтво на секој Македонец, на секој граѓанин и пред законот сите да бидат еднакви, рече Димитриевски.

На прашање во врска со блокадите од страна на Бугарија за почеток на преговорите со Европската унија, Димитриевски посочи дека оваа Влада никогаш нема да се откаже од ЕУ, бидејќи, како што додаде, „нашето место е таму и еден ден ние ќе станеме европејци“.

Димитриевски посочи дека никогаш Владата нема да дозволи да се погазиме самите себеси, да се откажеме од идентитетот, јазикот, културата и историјата. 

Не можеме да имаме заедничка историја. И сето тоа што беше направено во минатото како грешка од претходната влада, вклучувајќи го фамозниот Втор протокол и Францускиот предлог беа погубни одлуки донесени без волја на мнозинското македонско население кое е уставотворен народ, кој ја создаде оваа држава. Таа власт не ја испочитува волјата на мнозинството и затоа заврши така како што заврши, рече лидерот на ЗНАМ.

Во контекст на тоа, Димитриевски посочи дека „нема да потклекнеме на притисоците кои што доаѓаат од надвор“.

Ниту еден притисок од страна нема да ги помрдне работите од мртва точка. Овде не се работи за Бугарите и нивното внесување во Уставот. Се работи за следните барања кои ќе бидат испорачани на релација Софија-Скопје. И на крајот во каков било акт на ЕУ, па дури и во европските институции да стои македонски јазик, македонски народ. Па, ние сакаме да бидеме таму, баш поради тоа каде што влегуваме во еден сојуз на држави каде се штитат правата на малите во однос на големите, истакна Димитриевски. 

Поврзани вести