
Собранието денеска во рамки на 64. седница се очекува да ја констатира оставката на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, а на дневен ред на седницата е и интерпелацијата за работата на Републичкиот Јавен обвинител – Љупчо Коцевски, поднесена од опозициската Левица. Според најавите, седницата се очекува да ја води претседателот на Собранието Африм Гаши, кој по здравствените проблеми од минатата недела првпат ќе седне на спикерското место.
Засега се знае дека за интерпелацијата ќе гласаат пратениците на Левица, СДСМ се изјасни дека се против, лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски изјави дека нивните пратеници ќе ја поддржат интерпелацијата, додека ВМРО-ДПМНЕ се уште не соопштила како ќе се изјасни, а ДУИ најави дека тоа ќе го направат денеска.
На новинарско прашање во врска со тоа како ќе гласаат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за интерпелацијата на Коцевски премиерот Христијан Мицкоски вчера кажа дека како политичка партија и тој како човек не ги менуваат ставовите преку ноќ.
-Јавноста ќе види утре, но ние како политичка партија и јас како човек не ги менувам ставовите преку ноќ, одговори Мицкоски, во изјава за медиуми по отворањето на базен во ООУ „Невена Георгиева- Дуња“ во општина Кисела Вода.
Левица во интерпелацијата доставена до претседателот на Собранието, Гаши, посочува дека ја поднесуваат поради непочитување на уставните и законските обврски.

-Интерпелацијата ја засноваме на следниве индиции, факти и правно-релативни наводи: селективни кривични истраги за трагедијата во Кочани, логистички влијанија врз работата на Јавното обвинителство, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство-Скопје, непостапување по службена должност за дивоградбите на урбаната мафија во Скопје, се вели во интерпелацијата објавена на веб-страницата на Собранието.
Додаваат дека од почетокот на мандатот на јавниот обвинител Коцевски „во Јавното обвинителство владее нефункционална и токсична атмосфера, неажурност во постапките, а забележани се и надворешни политички влијанија врз неговата работа“, за што сметаат дека е одговорен Коцевски.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во петокот достави писмен одговор на интерпелацијата поднесена од пратениците Димитар Апасиев, Борислав Крмов, Реџеп Исмаил, Јована Мојсоска, Амар Мециновиќ и Сашко Јанчев. Во неа, тој наведува дека функцијата ја врши чесно и одговорно, со максимално почитување на начелата на транспарентност и отчетност, дека интерпелацијата е законски недозволена и дека институцијата е предмет на неосновани напади и тие се причина за ниската доверба во јавноста.
Во писмениот допис тој посочува дека иако поднесената интерпелација е недозволена согласно закон, фактот што подносителите без никаков аргумент бараат негова одговорност, покажува дека оваа интерпелација е политички, а не правно заснован инструмент со кој се овозможува упад во самостојноста на Обвинителството.
-Постапката за одговорност на јавниот обвинител на РСМ е уредена со Законот за јавното обвинителство и не предвидува можност за политичка одговорност каква што е интерпелацијата. Тоа е така за да се гарантира функцијата јавен обвинител кој раководи со единствен и самостоен орган, независен во постапувањето и одлучувањето. И покрај тоа, на интерпелацијата ѝ се дава третман како на секоја друга постапка за одговорност на политички функционер, што покажува недоволно разбирање на подносителите за самостојноста на третата власт, пишува Коцевски во писмениот допис до пратениците.
Независно од тоа, државниот обвинител во продолжение на документот дава одговор на четирите точки кои Левица ги наведе како клучни причини за поднесената интерпелација – селективност во истрагата за пожарот во Кочани, политичко влијание во работата на Обвинителството, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство Скопје и непостапување по службена должност за дивоградбите во Скопје.
Во однос на обвинувањето за селективност во истрагата за Кочани, и за невклученост на актуелни функционери во неа, Коцевски вели дека Обвинителството постапува исклучиво врз основа на доказите кои ги има, а притоа осомничените не ги дели по партиска, етничка или која било друга припадност.
-Се постапува за сите за кои се обезбедени докази – и против сопствениците и поврзаните лица со дискотеката, и против обезбедувањето, и против сите одговорни лица во неколку институции кои со своето постапување или непостапување овозможиле таа дискотека да работи толку години. Се постапува и против припадници на МВР, високи полициски функционери, и тоа не во ‘предистрага’, како што неточно се наведува во интерпелацијата, туку во фаза на истрага во рамките на која тие активно се истражуваат и им се определени мерки на обезбедување. Во уште неколку други институции и за други лица продолжуваат и натаму дејствија додека не ја испитаме целосно линијата на одговорност, посочи Коцевски.
Вели дека не само што не се чувствува одговорен, туку дека е горд на работата на обвинителскиот тим кој за кратко време успеа да прибере голем број докази за случајот за кој рече дека очекува фер и непристрасна судска постапка во која ќе се докаже дека обвинетите го сториле кривичното дело кое им се става на товар.
Во однос на втората точка од интерпелацијата, за политичко влијание врз него од страна на премиерот Христијан Мицкоски, кое се постигнало со наводен политички договор со запирање на постапката за негово разрешување, Коцевски вели оти во ниту еден момент не постоел таков обид за политичко влијание. Посочува дека постапката за негово разрешување, која беше на иницијатива на Владата е онолку неоснована колку што е и оваа интерпелација.
-Недостатоците во неа се наведени и во најновиот специјален извештај на Европската комисија за состојбата со владеење на правото во нашата земја, така што нејзиното запирање треба да е очекуван потег, а не некаква форма на ‘договорно мотивирана одлука преку ноќ’, како што се наведува во самата интерпелација. Јас од првиот момент на поднесување на иницијативата за разрешување до денес најодговорно тврдам дека не сум сторил никаква дисциплинска повреда која би била основ за таква постапка. Тоа го потврди и Советот на јавните обвинители кој даде негативно мислење за иницијативата за мое разрешување, вели Републичкиот јавен обвинител.

Осврнувајќи се на третата точка од поднесената интерпелација, која се однесува на, како што наведуваат од Левица, функционалниот хаос во Вишото јавно обвинителство Скопје, Коцевски вели дека токму констатираните состојби во ова обвинителство биле повод за тој да иницира дисциплинска постапка против шефот на обвинителството и уште еден вработен во институцијата. Додава дека дисциплинската комисија, која е целосно независен орган, таа иницијатива ја прифатила едногласно, повела постапка, ги испитала сите докази, носејќи едногласна одлука дека двајцата навистина сториле тешка дисциплинска повреда.
-По однос на одредените санкции не би коментирал, бидејќи одлуката се уште не е правосилна, но факт е дека во прв степен им се изречени најтешките санкции кои за ваква повреда се предвидени во Законот за јавното обвинителство. Каде е тука мојата одговорност? Дали требало да ги одмолчам пропустите и нестручноста со кои преку повлекување жалби и откажување од обвинение е нанесена штета на буџетот? Дали требало да одмолчам за нарушените меѓучовечки односи за кои одговорен бил шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје и за кое против него се води и кривична постапка? Јас избрав да не молчам и директно да го повикам на одговорност секој јавен обвинител за кого ќе констатирам дека непрофесионално и нестручно ја врши својата функција, вели Коцевски,