
Делегација на Собранието, предводена од пратеничката Благица Ласовска а во чиј состав е и пратеникот Садик Сулејмани, учествува на 65. Генерално собрание на Парламентарното собрание на Организацијата за црноморска економска соработка (ПАБСЕК). Целта на Генералното собрание е унапредување на регионалната соработка, особено во домените на транспортната инфраструктура, дигитализацијата, енергетската стабилност и инклузивноста.
Генералното собрание се одржува на 17 и 18 јуни во главниот град на Азербејџан, Баку, а како специјален гостин, учестуваше и претседателот на Собранието Африм Гаши, кој е и во официјална билатерална посета на Азербејџан. Седницата се одржа во Пленарната сала на Мили Меџлисот на Република Азербејџан.
Во рамки на дебатата „Засилување на поврзаноста и подобрување на мобилноста во регионот на ПАБСЕК преку паметна и одржлива транспортна инфраструктура“, Ласовска истакна дека поврзаноста не претставува само инфраструктура, туку мост меѓу народите, културите и вредностите.
-Регионалната соработка е предизвик, но и наша должност. Македонија вложува во Коридорот VIII како витална транспортна оска помеѓу Јадранот и Црното Море, подвлече Ласовска.
Таа ја нагласи и важноста на интермодалната поврзаност и дигитализацијата како предуслов за долгорочен и инклузивен раст. Ласовска подвлече дека парламентите треба да овозможат транспарентна законска рамка и поддршка за инвестиции во модерна инфраструктура, со што ќе се засили нивната улога како носители на просперитет.
Како што соопштија од Собранието, за својата работа и долгогодишен придонес во рамките на ПАБСЕК, пратеничката Благица Ласовска беше одликувана со Медал на чест на ПАБСЕК, доделен од страна на претседателката на Мили Меџлисот и претседател на ПАБСЕК, Сахиба Гафарова.
Гаши, кој е во својство на специјален гостин, истакна дека ПАБСЕК е клучна платформа за дијалог и градење на мостови на пријателство.
-Како држава што тежнее кон европска интеграција, Македонија гледа во ПАБСЕК партнер за мир, стабилност и заеднички развој. Мораме да ја поттикнеме соработката базирана на транспарентност, инклузивност и заемно почитување, рече Гаши.
Од Собранието информираат дека во рамките на работната агенда беа усвоени неколку значајни извештаи и препораки од постојаните комитети, меѓу кои: „Кон позелена иднина: соработка за технолошки решенија во Црноморскиот регион“; „Меѓународна соработка во борбата против организираниот криминал во регионот на ПАБСЕК“ и „Современи стратегии за образование и вработување на лицата со попреченост“.
-На маргините на Генералното собрание, делегацијата оствари контакти со претставници на други парламенти, со цел унапредување на меѓусебната соработка. Во текот на Собранието, претседателството со ПАБСЕК беше предадено од Азербејџан на Бугарија, која ќе го преземе претседавањето од 1 јули 2025 година, се вели во соопштението на Собранието.
Како што е најавено, во рамките на културната програма, членовите на Собранието, утре ќе го посетат градот Шуша и регионот Физули, каде што ќе имаат можност да се запознаат со историјата, културата и постконфликтната реконструкција на регионот.