
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до припадниците на ромската заедница по повод Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април.

Почитувани граѓани ‒ Роми,
Ви упатувам искрени честитки за 8 Април ‒ Меѓународниот ден на Ромите!
Верувам дека не случајно тркалото, симболот на вашето етничко знаме, по долги патешествија запрело и на македонска почва на која сте свиле дом.
Со културната посебност и свест, вие израснавте во важен и вреден сегмент на македонското општество, неверојатно талентиран за музика и игра, уметнички вдахнат, скромен!
Влеговте во Уставот, се изборивте за ромска општина и ромски јазик како службен во неа, основавте и развивте успешно средно училиште, формиравте партии и граѓански здруженија и станавте политички фактор, влеговте во Собранието, освоивте градоначалнички и министерски позиции, но и раководни места во важни државни органи и институции, станавте музички славни преку врвни културно-уметнички друштва, пејачи и диригенти, се стекнавте со универзитетски дипломи од различни области, ве опишаа во филмови и серии, ве опеаја, насликаа…
Докажавте дека сте креативна, способна, вредна и адаптибилна заедница што заслужува почит.
Но, празников ме потсетува дека сте сè уште најсиромашната, најранливата, најмаргинализираната, најобесправената и најдискриминираната заедница.
Време е да преминеме од зборови на дела, реално да ве поддржиме, да ви дадеме приоритет, да посегнеме по афирмативна акција и инклузивни политики, да ви овозможиме да ги изразите и докажете способностите и идеите, да ги вградите трудот и знаењето во развојот на демократското општество.
Ромите се богат човечки потенцијал што мора да се впрегне во општествениот погон.
Да го завртиме ромското тркало дома, ама не само на 8 Април, туку постојано, посилно, побрзо и подалеку, во интерес на прогресот.
Нека ни е честит 8 Април ̶ Меѓународниот ден на Ромите!
Во пресрет на 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите, вчера во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се одржа дебата на тема „Предизвиците со интеграцијата на Ромите низ призма на младите“.
Учесници во дебатата беа ученици и студенти, припадници на ромската заедница. Дебатата ја водеше Доан Сулејмановски, директор на средното училиште „Шаип Јусуф“, член на Советот за млади и член на Комисијата за помилување.
Честитајќи им го претстојниот Меѓународен ден на Ромите, претседателката Сиљановска-Давкова на младите Роми им порача дека Кабинетот, како заеднички граѓански дом е соодветно место за одбележување на овој најзначаен ромски празник.
Таа им порача на присутните да бидат горди на својата етничка припадност, со оглед на докажаната креативност, скромност, способност и адаптибилност, што ги прави посебни.
Ги охрабри да дадат свој придонес во натпреварот на сите полиња, посочувајќи примери на успешни Роми, со цел да креираат автентична слика за нив, оти, наративот на другите за Ромите се темели на нивната перцепција, што не е имуна на непознавање, конструкција, па и предрасуди.
Најважно, според неа е, најдобрите Роми да се најдат на соодветните позиции, како доказ дека знаењето, умот и посветеноста се наградуваат без оглед на припадноста по било кој основ. Се разбира, таа потсети дека афирмативната акција во случајот на Ромите е особено важна со оглед на изразената ранливост на оваа категорија македонски граѓани.
Се разви жива дебата во која учествуваа мнозина студенти и ученици. Импресионираше нивната критичка мисла и самосвест. Тие посочија низа примери на дискриминација на Ромите по сите основи, ги детектираа најголемите проблеми со кои се соочуваат, предложија излезни решенија.
Кога е во прашање решавањето на ромското прашање, сепак, претседателката, но и некои дискутанти ја посочија нашата држава како позитивен пример, навраќајќи се на уставниот статус на Ромите, формирањето општина со доминантно ромско население во кое ромскиот јазик е службен јазик, политичкиот ангажман на Ромите преку формирање ромски политички партии, стекнувањето градоначалнички, пратенички и други функции, вложување во образованието и културата, стимулирањето на граѓанскиот центар.
Се разбира, се укажа на многу предизвици, како проблемот со изучувањето на ромскиот јазик како мајчин јазик и како уставно загарантирано право. За претседатеката, формирањето на Катедра за ромски јазик ќе придонесе за создавање педагошки кадар за ромски јазик.
Се укажа и на потребата од основање на Ромски културен дом, пристоен здравствен дом, културно- уметнички и спортски друштва, библиотека.
Младите го посочија сеуште актуелниот проблем со лицата „фантоми“, односно луѓето коишто се уште немаат лични документи и се оневозможени во остварувањето на правото на образование и здравствена заштита, а се соочени и со низа административни пречки во секојдневното функционирање.
За гостите, нискиот квалитет на здравствените услуги коишто ги добиваат Ромите, со оглед на хроничниот недостиг на медицински кадар во Шуто Оризари е загрижувачки.
Во дебата се актуелизираше потребата од итно формирање на Интерпартиската парламентарна група за правата на Ромите, како и запазување на застапеноста на Ромите во Комитетот за односи меѓу заедниците преку што поскоро именување членови од редот на заедниците што немаат пратеници во Собранието од страна на Народниот правовобранител.
Според претседателката, нашиот модел на решавање на статусот на Ромите во државата може да биде наш цивилизациски придонес кон ЕУ.