
Со потпишувањето на новото партнерство Влада со Влада, денес започнува нова ера во односите помеѓу Обединетото Кралство и Македонија, соопшти Британската амбасада во Скопје. Како што велат од таму, партнерството има за цел да ја зајакне трговската соработка и да поттикне економски раст преку поддршка на клучни инфраструктурни проекти во различни сектори вклучувајќи транспорт, здравство, енергетика и технологија.
„Партнерството овозможува пристап до широк спектар на поддршка, меѓу кои и техничка помош, како и потенцијални инвестиции до 5 милијарди фунти преку Инструментот за надворешно финансирање за проекти во Македонија“, се вели во соопштението од Амбасадата.
Свеченото потпишување се одржа на 22 мај 2025 година во историската зграда Old Admiralty во Лондон, а присуствуваа британскиот министер за извоз, Герет Томас и заменик-претседателот на Владата на Македонија, Александар Николоски.
„Ова партнерство отвора ново поглавје во нашите билатерални односи со Македонија“, изјави министерот Томас.
Како што додаде тој, „Обединетото Кралство има огромно искуство во реализација на висококвалитетна инфраструктура ширум светот и ми претставува чест што започнуваме соработка што ќе им помогне на британските компании полесно да извезуваат во Македонија“.
Британскиот амбасадор во Скопје, Метју Лосон, посочи дека е горд што двете влади постигнаа вакво значајно партнерство кое ќе донесе придобивки за граѓаните на двете земји.
„Стоиме силни и обединети“, додаде Лосон.
Преку размена на знаење и добри практики, британската влада и британски компании ќе соработуваат со владата на Македонија и домашната економија за реализација на инфраструктурни проекти низ земјата. Овој пристап ќе создаде взаемни придобивки преку заеднички иновации и развој на издржлива и модерна инфраструктура.
Партнерствата Влада со Влада се формални договори кои им овозможуваат на други влади пристап до јавна и приватна експертиза за специфични проекти или програми кои создаваат комерцијален бенефит. Вкупната трговска размена во добра и услуги (увоз и извоз) меѓу Обединетото Кралство и Македонија изнесува 1,7 милијарди фунти во четирите последователни квартали од септември 2023 до септември 2024 година. Британија е вториот најголем трговски партнер на Македонија.