Skip to main content

„Безбедно лето, вози и одмори“ – превентивна активност на експресниот пат помеѓу Кочани и Штип

Општина Кочани со полициски службеници од ПО за БПС – Кочани и ОСБСП – Кочани, на експресниот пат Штип – Кочани денеска спроведе превентивна активност на тема „Безбедно лето, вози одморен“.

Во непосредна комуникација со возачите на моторни возила се укажа на ризиците во летните денови, посебно при патувања на подолги дестинации и потребата да возат одморени затоа што при заморот паѓа концентрацијата, а високите температури се дополнителен ризик за возачите и причина за дефекти кај возилата.

На учесниците во сообраќајот им беше предочено да бидат внимателни и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи бидејќи во случај на сообраќајна незгода при удар може да дојде и до опожарување на возилото. На возачите им беше нагласено дека честопати несовесно го зголемуваат ризикот оставајќи запаливи предмети во возилото како што се запалки, дезодоранси, алкохолни спрејови и сл., кои во комбинација со високите температури може да предизвикаат експлозии или пожари, се наведува во информацијата од Општина Кочани.

При вакви екстремно високи температури, пред да се вклучи во сообраќај, посебно при подолги патувања, треба да се провери техничката исправност на возилото, вклучувајќи ја и електричната инсталација со препорака да се носи противпожарен апарат и прва помош, а доколку возачите почувствуваат непријатен мирис во возилото прописно да го запрат на безбедно место и да излезат од него. Најбезбедно е да се избегнува пушење на цигара во близина на возилото кое подолго време било на сонце и да не се фрла отпушок од цигарите надвор од возилата. Со зголемениот број возила во летниот период, како во градот така и кон туристичките места, превенцијата и свеста на возачите за можни опасности се клучни за безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

Покрај сите препораки и мерки за безбедно патување, учесниците во сообраќајот беа потсетени за целосната забрана на движење во шума и потребата за зголемено внимание и превенција за предизвикување на пожари, се нагласуваат од страна на Полициското одделение и Општинскиот совет за безбедност во патниот сообраќај. 

Поврзани вести