
Министерот за здравство, Азир Алиу заедно со заменик министерот, Јовица Андовски, ги поздравија присутните на отворањето на 27. Синдикална школа на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, информираат од Министерството за здравство.
Во рекордно време реализиравме над 1.250 вработувања во 85 јавни здравствени установи низ државата, како дел од стратешкиот процес на кадровско зајакнување на здравствениот систем. Паралелно го спроведуваме и процесот за вработување на приватните специјализанти, со кој решаваме децениски егзистенцијален проблем на оваа категорија здравствени работници. Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита е наш партнер со кој со заеднички заложби работиме на унапредување на статусот на секој здравствен работник во државата“, истакна министерот Алиу во видео-обраќањето.
Воедно, Алиу порача дека Владата реализираше значајно зголемување на платите на здравствените работници, и тоа во износ од 4.815 денари нето за сите здравствени работници, а за медицинските сестри ова зголемување изнесува дури 6.200 денари. Оваа мерка, додаде, значи суштинско вреднување на трудот на медицинскиот персонал.
Заменик министерот Андовски во своето обраќање посочи дека Министерството за здравство е отворено за соработка со синдикатот.
Го почитуваме достоинството на докторите и целиот персонал кои се чувари на здравјето на граѓаните. Министерството за здравство е отворено за соработка со синдикатот и заеднички продолжуваме да ги решаваме сите отворени прашања и предизвици, со цел да излезаме во пресрет на здравствените работници и секако на пациентите“, изјави Андовски.