
Министерот за здравство, Азир Алиу ја продолжи иницијативата „Мобилен кабинет“ со денешната посета на Општа болница Гостивар, каде информираше дека во континуитет се вложува во кадар и инфраструктурни проекти.
– Ние како Министерство дефинитивно работиме да се постигнат стандардите во инфраструктурата на здравствените установи да бидат компатибилни со европските стандарди. Состојбата на терен покажува дека има недостиг од медицинска опрема, слаба инфраструктура и персонал. Тоа е последица на лошата политика која се водела во овој ресор. Здравството е таков систем кој мора да предвидува, а не само да креира политики. Предвидувањата треба да бидат на рок од над десет години. Неопходни се и навремени планирања на кадарот, со оглед дека за обука лекар супспецијалист потребни се минимум 15 години, рече во изјава за медиуми министерот Алиу.
Болницата е зајакната со 12 приватни специјализанти и двајца специјалисти по гинекологија, а годинава на специјализација се пратени уште осум доктори.

Исто така, се очекува вработување на 37 лица во сите дејности, кои ќе бидат реализирани по локалните избори. Доколку во периодот на предизборие кога не се дозволени вработувања во јавниот сектор, се појави потреба, посочи министерот Алиу, Министерството ќе вложи напори и ќе бара начин за да не остане некоја институција без лекар или медицинска сестра.
Во рамки на посетата на Гостивар, министерот одржа средби со повеќе граѓани кои беа пријавени преку платформата „Отворен кабинет“, достапна на веб страницата на Министерството за здравство. Граѓаните на средбите споделија искуства со здравствените услуги на примарно и секундарно ниво на здравствена заштита, како и конструктивни предлози за унапредување на организациските аспекти на системот.