Skip to main content

Алиу: Имаме план и визија за нов пристап во здравството, не само пополнување дупки како досега

Министерство за здравство

Се менуваат 12 закони – некои нови, некои се измени, со цел да се овозможи нов пристап кон креирање и градење систем од темел, со план. Мора да имаме политики на превенција и следење, а не само пополнување дупки во здравствениот систем без јасна визија, како досега, изјави министерот за здравство Азир Алиу.

Во „Вести плус“ на ТВ Канал 5 Алиу кажа дека во сите три столба на здравството – инфраструктура, дигитализација и човечки ресурси, проблемите се многу големи и дека тие ќе се надминуваат со паралелен пристап во трите столба „со добар план, визија и координација“. Како пример го посочи „Мој термин“ за кој рече дека не може да се подобри без промени во другите два столба – инфраструктурата и кадарот. Рече дека се воведуваат нови технологии и нова методологија базирана на европски стандарди, а „Мој термин“ не само за закажување прегледи туку се надргадува со нови процеси.

Пристапот ќе мора да оди чекор по чекор, затоа на Влада помина Националната стратегија за дигитална трансформација на здравството, се оди на мапирање на целата инфраструктура на државата и од директорите бараме опис на потребите, кадровскиот капацитет и технологијата – рече Алиу.

За инвестицијата од 205 милиони евра за болници, со кои ќе се градат објекти или ќе се реконструираат постојните во Кичево, Тетово и Штип, посочи дека се само прва фаза од вкупната инвестиција од една милијарда евра во здравството.

На прашањето дали ќе има промени на директори на јавни здравствени установи, Алиу одговори дека тоа не зависи од министерот, туку како тие менаџираат. Месечно добива извештаи за сработеното од сите директори и врз основа на тоа, рече, „размислуваме дали ќе продолжи или ќе има нов директор“.

Нагласи дека е два месеца министер и досега не активирал постапка за разрешување „се додека не види некоја активност или бавна динамика на работа“.

Дел од директорите работат фантастично и имаат добри резултати, некои имаат стандарди како да сте во Европа, но имаме институции каде директорите се можеби многу добри доктори, но им недостигаат менаџерски способности за динамичност. Ќе има промени во неколку институции ако не се промени таа динамика на работа – рече министерот.

Не прецизираше дали промени на директори ќе има и на Кардиологија и Кардиохирургија.

Се уште се прави анализа, најверојатно ќе има промени во некои од нив, да им дадеме малку време за резултати, два месеца сум министер – додаде Алиу.

Во однос на долгото чекање за операции, дури и на онколошки пациенти, министерот одговори дека се прави нова методологија на финансирање и буџетирање.

Ако знаеме секоја услуга колку ни чини и каква инфраструктура треба да имаме, тогаш ќе знаеме и зошто таа листа на чекање во една здравствена институција е толку долга. Математички ќе знаеме колку еден доктор ќе може да прегледа во осум часа работен ден, колку операции може да имаме во една, во две, пет сали, зависно колку ги има институцијата, и тогаш ќе знаеме дали таа бројка е реална или не е – рече Алиу.

Проблем е што немаат податоци за лекувањето на пациентите во приватни установи кои потоа го продолжуваат лекувањето во јавните здравствени установи.

Комуникацијата е еднонасочна, тие агрегираат податоци од „Мој термин“ базата, но ние, обратно, немаме информации. Тоа е лошо и за здравстевниот систем и за креирањето политики – рече министерот, додавајќи дека и овие слабости ќе се решаваат со измените на законите.

Азир Алиу беше дел од Алијанса за Албанците на Арбен Таравари за кого рече дека ја напуштил Владата и одлучил „без соодветни консултации да оди со опозицијата од причини кои се уште не се докрај јасни“.

Сите сме изненадени, од таа позиција, во која можевме да дадеме многу за граѓаните, да одиш во група на луѓе кои 22 години биле дел од власта и портфолиото не им е многу позитивно, да бидеш во таа група, во најмала рака не е политички коректно. Ние сме на прав пат, доаѓаат локални избори, ќе има и парламентарни и претседателски, и изборите се реална слика дали сте на добар пат. Ценам дека ние даваме резултати, а не политики на популизам кои само звучат убаво, а не даваат резултати – истакна Алиу.

Поврзани вести