
Овој четврток во 20 часот оркестарот на Македонска филхармонија ќе одржи концерт насловен „Ѕвездено арпежо“ на кој како солистка ќе настапи Анлин Ленартс, водечка харфистка од Белгија, која во моментов работи во оркестарот на престижната Виенска филхармонија. Диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија. На програмата се „Горе и долу – три слики од Книга на промени“ од македонскиот композитор Владимир Николов, Концертот за харфа и оркестар „Аранхуез“ од Хоакин Родриго и Симфонијата бр.5 од Лудвиг ван Бетовен.
Белгиската харфистка Анлин Ленартс е една од водечките солистки на својот инструмент. Во декември 2010 година е именувана за прва харфа на Виенската филхармонија. Како солистка настапувала со бројни реномирани оркестри, меѓу кои Симфонискиот оркестар на Баварското радио, оркестарот „Моцартеум“, Брукнеровиот оркестар од Линц, Бриселската филхармонија и Националниот оркестар на Белгија. Своето солистичко деби го имала во престижни сали како Вигмор во Лондон, Карнеги хол во Њујорк, Берлинската филхармонија…, како и на престижни фестивали. Нејзините настапи се снимени од BBC Radio 3, Radio France Musique и Deutschlandfunk.
Анлин Ленартс студирала во Брисел и во Париз, а магистерската диплома по харфа ја стекнала со највисоки одлични оценки. Денес таа предава на Универзитетот во Мастрихт и е член на наставниот кадар на Aspen Music Festival (САД).
Маестро Конрад Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Скорешните интенационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година Конрад ван Алфен бил на позицијата шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што се здобил со наградата за својот придонес во културата во Јужна Русија. Во моментот е уметнички директор на „Московското филхармониско здружение“ во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“. Исто така, тој е гостин-диригент и со оркестрите на добро познатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург.
Низ изминатите години неговите соработки со Рускиот нацинален оркестар и солистот Михаил Плетнеев на фестивалите во Монтро и Мерано резултирале со неколку покани за соработка за турнеите во Кина и во Јужна Америка.
Конрад ван Алфен е роден во 1963 година во Преторија. По завршувањето на своите музички студии на 26-годишна возраст, тој се преселил во Холандија и ја имал постојаната позиција на контрабасист во Радио-симфонискиот оркестар и на академијата „Бетовен“ во Антверпен, Белгија, паралелно студирајќи и диригирање под раководство на Ери Клас и Роберо Бензи.

Македонски



