
Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам од денеска, во 18 часот, до 1 март ќе биде отворена изложбата на словачкиот уметник Ладислав Каменицки насловена „СТУДИИ ВО АПСТРАКЦИЈА“. Ова е негова осма самостојна изложба која обединува дела од повеќе различни уметнички циклуси.
Изложбата ја организира Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје во соработка со Националната галерија на Македонија, Амбасадата на Словачка во Македонија, Амбасадата на Македонија во Словачка и Минисгтерството за култура и туризам. Куратори се проф. Кирил Пенушлиски и Јасминка Намичева – кустос советник.
Во Чифте-амам се поставени некои од најраните платна на Каменицки, од 2018 година, како и други, создадени пред само неколку месеци. Во изложените дела уметникот истражува низа концепти што често се појавуваат во неговото творештво: перцепцијата, просторот и апстракцијата како средство за изразување идеи и метафори.
Изложбата почнува со неколку слики — омажи на уметници и личности кои значително влијаеле врз креативниот пат на Каменицки. Овие дела, можат да се разберат како манифестации на размислувањата на Каменицки за важни идеи — од разни теоретски концепти во астрофизиката до метафизички интерпретации на универзумот. Меѓу прикажаните слики има пространи, космички инспирирани композиции, но и други што се вдахнати со прецизниот, повторувачки ритам на оп-арт структурите, изградени од коцки. Кон нив се придружуваат и низа други платна што одаваат почит на влијателни уметници или личности чии идеи и визии го инспирирале или обликувале творечкиот развој на Каменицки. Заедно, тие создаваат дијалог меѓу бесконечното и конструираното, меѓу интуицијата и структурата, меѓу историското влијание и современиот ликовен израз, наведува Националната галерија.
Централно место во апстрактните дела на Каменицки зазема истражувањето на просторот како физички и метафизички концепт. Сликите со космичка тематика, што „навестуваат“ галаксии и ѕвездени движења, евоцираат огромни, немерливи простори и тивки, бескрајни пространства што се далеку од човечките размери. Но, наместо дословно и точно да го прикажува универзумот, во овие дела уметникот ја претвора космичката енергија во боја, гест и атмосфера, што им овозможува на гледачите да го доживеат прикажаниот простор како чувство, а не како слика.
При посетата на изложбата, посетителите се движат помеѓу потопување (имерзија) и набљудување, разбирајќи дека значењето не произлегува од една единствена слика, туку од врските што се создаваат во целиот корпус на изложените дела. Оттаму, остануваме со јасен впечаток дека, земена како целина, изложбата на Ладислав Каменицки во Националната галерија на Македонија ја претставува апстракцијата пред сѐ како простор за истражување, а не како конечен одговор, наведува Националната галерија.

Македонски



