Skip to main content

Вистинска среќа за мене е што можам да бидам мост меѓу двете култури и двете земји, кажа балерината од Париската опера Роксан Стојанов, добитничка на наградата „Менада“ на Танц фест Скопје

Драган Перковски / Рисима Рисимкин ѝ ја врачи наградата „Менада“ на Роксан Стојанов

Вистинска среќа за мене е што можам да бидам мост меѓу двете култури и двете земји и ако денес ја претставувам париската опера тука во Македонија, сакам, исто така да ја претставувувам Македонија на париската опера, изјави Роксан Стојанов, балерина со македонско потекло која синоќа на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ) ја доби наградата „Менада“ за врвни достигнувања во танцовата уметност за 2025 година што ја доделува Танц фест Скопје.

Наградата ѝ беше врачена на свеченото отворање на годинашното 21. издание на Танц фест Скопје. Во обраќањето, таа говореше на македионски јазик.

Бескрајно ви благодарам за оваа прекрасна награда што ми е доделена. Јас можам да го понудам она што го покажувам на сцената и се надевам дека еден ден ќе можам да ја искажам мојата благодарност танцувајќи во Македонија, изјави Стојанов.

Стојанов е родена во 1995 година во Франција. Таа е со француско-македонско потекло. Ги започнува своите први танцови чекори во Скопје, на осумгодишна возраст, кога претстојува тука со семејството. Балетското образование го продолжува во Брисел, во 2007 година се приклучува на Школата за танц на Париската опера, а во 2013 година станува дел од балетскиот ансамбл на оваа престижна институција.

Роксан Стојанов: Патот е долг, често тежок, треба многу жртви и многу работа секој ден / фото:Драган Перковски

Првата улога ја имала на 9-годишна возраст, како Ѕвончица во претставата „Петар Пан“.

Во периодот од 2015 до 2022 година, Стојанов напредува во хиерархијата на операта и во 2022 година станува првенка на балетот. На 28 декември 2024 година, го доживуува врвот во кариерата, кога по нејзината извонредна изведба во балетот „Пакита“ на сцената на Опера Бастилја, Роксан е прогласена за Ѕвезда на Париската опера – највисокото звање во хиерархијата на Париската опера. Нејзината кариера опфаќа импресивен репертоар, вклучувајќи улоги во класични балети како „Жизел“, „Лебедово езеро“ и „Дон Кихот“, како и современи креации на реномирани кореографи.

Имам две националности, две култури. Иако сум почнала прво на француски, со македонски јазик почнав да пишувам на кирилица. Но, вистина е дека ги поминав последните години во Франција и затоа не зборувам македонски секој ден. Се надевам дека ќе ме разберете со љубов, ако не сум сигурна во моите зборови. Тоа што е сигурно е дека за танцување не се потребни зборови. Тоа е универзален јазик што секој го разбира и што не познава граници. Ова признание за мене е огромна чест. Многу сум трогната и му благодарам на Танц фест, на Рисима Рисимкин и Матеја Мијановиќ. Многу сум емотивна да ја добијам оваа награда во Скопје, точно каде што ги направив моите први танцувачки чекори. Исто, во Скопје настапив првпат на сцена во улогата на Ѕвончица во „Петар Пан“. Во овој момент имам посебна мисла за Ема и за Ирена, благодарение на кои почнав да танувам. Моите мисли одат исто за мојатата фамилија, моите пријатели што ме поддржаа во оваа страст. Патот е долг, тежок, често тежок, треба многу жртви и многу работа секој ден. Но, кога сум на сцената, се чувствувам слободно, се добива смисла и заборавам на сите тешкотии што ги имав да ги поминам, Можам да раскажам приказни и да ја носам публиката со мене, изјави Стојанов.

Со краток перформанс на Универзитетската компанија за танц од Санта Барабара, Калифорнија и со премиера на „Идентитети – будење“, третото и последно дело од трилогијата „Идентитети“ синоќа беше отворено 21. издание на Танц фест Скопје кое ќе трае до 13 мај.

фото: Драган Перковски

Оваа година, Танц фест Скопје го става фокусот на врската помеѓу танцот и технологијата преку повеќедневна интерактивна поставка во Чифте амам, објект на Националната галерија на Македонија.

Фестивалот ќе биде затворен на 13 мај со интерактивната кореографска претстава „Мајселфс“ (Myselves) на Кеј-данс (K-Dance) од Франција, пионери во спојувањето на современ танц и дигитална уметност.

Поврзани вести