Skip to main content

Не го избираме ниту јазикот, ниту нацијата во која се раѓаме, но го избираме својот пат и начинот на кој ќе поминеме под ѕвездите

ПРО-ЗА Балкан / Наградата „Прозарт“ на Драган Великиќ му ја врачи уметничкиот директор на фестивалот, Александар Прокопиев

Вистинскиот пејзаж во кој се подготвува судбината на секој поединец не зависи само од него. Не го избираме ниту јазикот, ниту нацијата во која се раѓаме. Не го избираме ниту времето, ниту просторот во кој ќе го поминеме земскиот живот. Но го избираме својот пат, го избираме начинот на кој ќе поминеме под ѕвездите, рече еден од најзначајните, најпреведуваните и најпрепознатливите современи српски писатели Драган Великиќ во своето обраќање по повод добивањето на наградата „Прозарт“, што му ја додели Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ синоќа во Музејот на град Скопје.

Говорејќи за своето книжевно искуство, тој се осврна и на моќта на книгите и на преводот да создаваат нови простори меѓу луѓето и културите и им се заблагодари и на македонските преведувачи на неговите дела – Димитар Башевски, Јелена Лужина и Ристо Лазаров.

Во продолжение од својот говор, тој зборуваше за човекот, времето и просторот во кој го живее својот живот, но и за улогата на писателот во разбирањето на светот.

Драган Великиќ / Фото: ПРО-ЗА Балкан

Нема една, непоместлива, кохерентна вистина. Само интерпретации, но не како чисто рационална одредница, туку и како емотивно доживување, кое се менува во зависност од начинот на кој разбираме некои работи. Писателот всушност го декодира светот околу себе, создава некоја своја верзија на реалноста која – доколку писателот е со дарба и сила – може да биде интересна и за читателите во времињата што допрва доаѓаат – заклучи Великиќ.

Наградата „Прозарт“ му ја врачи уметничкиот директор на фестивалот, Александар Прокопиев, кој во своето обраќање истакна дека богатото животно и книжевно искуство на Великиќ е длабоко вткаено во неговата литература.

Своето навистина богато искуство во пишување го покажуваш во својата литература. Има една поговорка дека врвните писатели се хранат од своето животно искуство и од книгите. Кај тебе е тоа судбина – ти се храниш од книгите, но и од твојот сопствен живот. Она што го даваш на читателите е твојата литература. Затоа со огромно задоволство ти ја даваме наградата – рече Прокопиев.

Завршната вечер на „ПРО-ЗА Балкан“ и оваа година започна со традиционално читање од прозни дела на гостите. Ирско-британскиот филмски автор и продуцент Мајк Дауни прв прочита извадок од својот роман „Истарско црно“, кој е втор дел од трилогијата „Три бои Истра“, во издание на „Прозарт медиа“. Габриела Бабник Уатара, словенечка романсиерка и издавач, прочита дел од својата книга „Носталгија за иднината“.

Дејан Трајкоски, основач на Фестивалот ПРО-ЗА Балакн /Фото: ПРО-ЗА Балкан

Нашиот автор Блаже Миневски избра дел од романот „Ако се родат некакви чувства“, добитник на наградата „Рациново признание“, историски роман за љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче, авторско видување со интервенирање во историските факти.

Албанската писателка Дијана Чули избра пасус од „Ангели борци“, роман напишан по вистинска случка за двајца партизани кои се вљубиле и биле осудени, додека српската авторка Христина Радовиќ Андриќ, пак, читаше извадок од своето првенче „Арјачкиње барјачкиње, кого ќе земете?“. Николај Терзијски од Бугарија прочита дел од романот „Ѕвезди под клепките“, објавен и на македонски јазик. Публиката потоа го проследи читањето од самиот лауреат, кој се одлучи за пасус од „Виенски роман“.

Фестивалот го затвори основачот на фестивалот, Дејан Трајкоски, кој им се заблагодари на сите учесници и соработници и направи паралела меѓу храната и литературата, повикувајќи се на популарниот готвач Ентони Бурдејн.

Добрата храна, доброто јадење, тука се работи за крв и органи, суровост и распаѓање.

И суштината на добрата литература е таква – доаѓа после видливите слоеви: сурова, гола, пријатна, убава и неубава. Овие денови видовме дел од таквата литература, за што им благодарам на гостите – рече Трајкоски.

фото: ПРО-ЗА Балакн

Во рамките на дополнителната програма на фестивалот, вечерва во 20 часот во Кинотеката ќе биде прикажан филмот „Устав на Република Хрватска“ во режија на Рајко Грлиќ, со присуство на продуцентот Мајк Дауни. Писателот Александар Прокопиев ќе го води разговорот со Мајк Дауни. Задутре во Europe House Тетово во 19 часот ќе се одржи инклузивна промоција на сликовниците од Денис Јанкуловски, а во петок во кафе-бар „Саман“ од 20 часот ќе следува книжевно-музички перформанс „Портрети“ со Александар Прокопиев и Бобан Здравковски Андреевски. На 19 септември (сабота), во кафе-бар „Цреша“ од 20.30 часот ќе се случи концертна промоција на петтата поетска збирка „Пружини“ од Пијан Славеј, со Hot Jazz Orchestra.

Поврзани вести

giyimbahsegelJojobet