Skip to main content

Виолинистката Анна Кондратенко ќе настапи во Гевгелија

Филхармонија

Со концертот насловен „Бајка“, оркестарот на Македонската филхармонија вечерва, со почеток во 20 часот, ќе гостува во Домот на културата во Гевгелија. Како солистка на овој концерт ќе настапи виолинистката Анна Кондратенко, концерт-мајстор во Филхармонијата.

На концертот во Гевгелија, Кондратенко наедно ќе го води оркестарот во изведбата на композициите „Come in!“ („Чукни и влези“) од Владимир Мартинов и „Писма до пријателите“ од Гија Канчели.

Кондратенко е родена во Новосибирск, Русија, каде што почнува да свири виолина на четиригодишна возраст. Своето музичко образование го започнува во Специјалната музичка школа во класите на О. Марченко и А. Гвоздев, а продолжува во класата на проф. В. Третјаков на Високата музичка школа во Келн, каде што дипломира во 2004 година.

Како солист и концерт-мајстор настапува со Младинскиот симфониски оркестар (Новосибирск), Симфонискиот оркестар на Филхармонијата (Новосибирск), Интернационалниот симфониски оркестар (Мичиген, САД), Класичната филхармонија во Бон (Германија) и други во Русија, Украина, Унгарија, Германија, Шпанија, Франција, Бразил, Америка, Малезија, Кина, Либан и Јапонија. Исто така, учествува на различни мастер-курсеви и фестивали, мег?у кои: „Моцертеум“ (Австрија), „Холцхаузен музиктагн“ (Германија) и др. Таа е победник на многубројни натпревари, меѓу кои и „Ерденко“ и „Мравински“ во Русија и „Ј. Ниман“ во Германија.

Пред две години, Кондратенко го основа квартетот „Филхармонија“ составен од членови на оркестарот на Македонската филхармонија, со кој остварува настапи на домашни и на меѓународни фестивали. Моментно работи како концерт-мајстор и солист во оркестарот на Македонската филхармонија и како концерт-мајстор и солист на оркестар на „ФАМЕС проџект“ во Скопје, наведуваат од Филхармонијата.

Поврзани вести