Skip to main content

Вештачката интелигенција во фокусот на деветтото издание на Медиумскиот фестивал Скопје

Деветтиот Медиумски фестивал Скопје е посветен на неизбежниот влез на вештачката интелигенција во
медиумите. Дискусијата „Новинарството пред пресврт“ во понеделник, 22 декември во 19 часот, го отвора фестивалот во организација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА.

Трите фестивалски дена опфаќаат богата програма со дискусии, работилници и филмски проекции, а содржините, кои може да се следат во скопскиот мултимедијален простор Котур, како и секогаш остануваат бесплатни и отворени за сите заинтересирани.

Фестивалските дискусии ги разгледуваат прашањата што медиумските работници секојдневно си ги поставуваат – ќе биде ли вештачката интелигенција сојузник или закана за новинарството, како да се вклучи ВИ како корисна алатка во истражувањата, каде може да им помогне на локалните медиуми, и секако неминовното етичко прашање и трагање по транспарентност и регулативи.

Филмската програма ја отвора провокативниот „Ви благодарам што ми дозволивте да зборувам со вас денес“ каде со помош на ChatGPT и дипфејк на Илон Маск им се пркоси на цензурата и авторитарноста. Новата ера во седмата уметност е најавена со „За еден херој“, по сценарио напишано од вештачка интелигенција, тренирана врз целокупниот авторски опус на Вернер Херцог. На вторниот фестивалски ден „Крајот на тишината“ нѐ води до најголемиот радиотелескоп на планетава, место закотвено во преддигитална тишина, додека „Насмевки и бакнежи за тебе“ ја покажува тишината на осаменоста, која (не) може да биде излечена од „кукла за љубов“ со вештачка интелигенција. Во среда се прикажува моќниот „Хакирање на омразата“, прогласен за најдобар документарен филм на Филмскиот фестивал Трибека, за неверојатно темелното и ризично истражување на една шведска новинарка во мрачниот свет на „белата надмоќ“. За фестивалскиот крај е закажана проекцијата на „Крајот на Интернетот“, за дисидентите со мисија да ја демонтираат и децентрализираат глобалната мрежа.

Од 22 до 24 декември МФС ќе биде средиште каде новинари од различни генерации ќе си ги споделат прашањата и мислењата на темата која и глобално ги разбранува новинарските редакции. За полесно справување со сѐ поприсутната вештачка интелигенција ќе послужат и фествалските работилници, започнувајќи со таа на JournalismAI. Овде на практичен начин ќе се формира стратегија за вештачка интелигенција што нема да ги компромитира вредностите на редакцијата, а на работилницата за „Етичко новинарство во време на вештачка интелигенција“ низ примери ќе се лоцира прекршувањето на етичките начела. Медиумскиот фестивал Скопје секогаш посветува простор и за предизвиците кои директно ги засегаат жените во медиумската сфера, па на интерактивна работилница за безбедноста на новинарките во дигиталниот простор ќе се споделуваат искуства и решенија за одбрана од дигитални напади и ВИ злоупотреби. Повикот за учесници на работилниците е отворен за сите кои се заинтересирани.

Поврзани вести