Skip to main content

„Ученикот“ во режија на Кирил Петрески премиерно во прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“

Утре, на 25 декември во 20 часот во прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ премиено ќе биде прикажана претставата „Ученикот“, според делото на германскиот автор Mариус фон Маербург, а во режија и драматургија на Кирил Петрески.

Во претставата играат: Зоран Иваноски, Марија Спиркоска-Илијеска, Александар Тодески, Лора Штарго, Наум Ѓорѓиески, Димитар Паскоски, Марија Талеска и Иво Јездиќ.

Претставата „Ученикот“ , според драмскиот текст „Маченик“ од Мариус фон Маербург, со кратки сцени, со филмски јазик, ги прикажува современите предизвици на младата генерација. Во време на екстремности политички, културолошки и социјални, една млада личност се спротивставува на противречностите на општеството. Својот начин на борба го одбира во религиозниот фанатизам. На тој пат, прво се судира со своето најблиско опкружување: со своето семејство, со професорите во училиштето, со учениците со кои што учи. Новата генерација, генерацијата Z, барајќи се себе си во еден Чудесен Нов Свет, кој што го изгубил својот Центар, моралните вредности, семејството, религијата потполно незаштитена, изложена е на влијанија од сите страни. Таа станува лесна цел за манипулација и плен на фанатици од политичка, религиозна, квазиполитичка и квазирелигозна провениенција. Губејќи ја врската со традицијата и семејството, оставена сама на себе, потполно неподготвена за она што ја очекува, ранлива и дезориентирана, стои изложена на нападите на потрошувачкото општество. Ова нé потсетува исто така, дека цивилизациските, индивидуалните, политичките придобивки како слобода и демократија не се засекогаш, дека ги земаме здраво за готово. Забораваме дека тие многу лесно можеме да ги изгубиме ако не ги браниме доволно храбро, доволно силно и дрско и бескомпромисно и со уште поголема вера во нив од оние кои што ја чекаат својата шанса да ни ги одземат, вели режисерот Петрески.

Mариус фон Маербург (1972, Минхен) е германски драмски писател. Завршил студии на Универзитетот за уметности во Берлин. Неговата прва драма, „Харман”, за прв пат била изведена во Бараке (Дојче театар во Берлин) во 1996 година. „Огненото лице” напишана во 1997 година, била неговиот пробив како драмаски писател. Следувала „Клајст”, во Франкфурт (Одер) и во Дојчес Шауспиелхаус во Хамбург. Неговата драма „Збунетиот” премиерно е поставена на англиски јазик во 2014 година во Сиднеј а „Маченик” (Märtyrer) во театарот Unicorn во Лондон во 2015 година. Во 2016 година е направена филмска адаптација на „Маченик” преведена и снимена во Русија под наслов „Студент”, која била добро прифатена од меѓународната критика. За „Огненото лице” Маербург ја доби наградата „Клајст” за млади драматурзи и наградата на Фондацијата на автори од Франкфурт. Драмите на Маербург се преведени на повеќе од триесет јазици и се изведени во Германија и во многу други земји. Маербург е најмногу заинтригиран од сложеноста на семејството и другите човечки односи. Бидејќи е очигледен набљудувач на аномалиите на современото општество, неговите драми се карактеризираат со жестокост во комбинација со остар хумор. „Маченик” е суптилнен и повеќеслоен текст. Оваа провокативна, духовита и потресна драма, се занимава со несигурните стапици на современиот општествен екстремизам во сите сегменти на апсурдната денешна егзистенција.

Сценографијата е на Владо Ѓорески, костимографијата на Александар Џинго, а музиката на Серафим Чернит.

Поврзани вести