Skip to main content

„Три“ го објави второто издание на првиот роман на Румена Бужаровска „Тони“

Издавачкиот центар „Три“ информира дека веќе пристигна и се чита второто издание на првиот роман на современата македонска писателка Румена Бужаровска „Тони“.

Книжевната промоција на „Тони“ се одржа на 4 декември во Скопје, а промотори на романот беа Калиа Димитрова и Петар Андоновски.

-Тогаш напишавме дека за Тони – машкиот книжевен (анти)лик создаден од остроумното женско перо на Бужаровска – допрва ќе се зборува, а за неполн месец веќе излезе второто издание, велат од „Три“.

Оттаму дополнуваат дека карикатуралноста и поларизираноста што романот ја предизвикува кај читателите, предизвикуваат „Тони“ да изгледа навидум како „лесно четиво“, но ракописот нè нурнува во бездните на човековата природа и локалната традиција.

Остро критикувајќи ги, Бужаровска радикално ја користи алатката на поларизација поигрувајќи си со читателот, за да поттикне кај него чувство на лична одговорност и емпатија. Нешта кои ни се повеќе од потребни во 2025, забележуваат од издавачкиот центар.

Тони е средовечен бивш рокер од Скопје, кој живее со мајка му и „работи“ во државна институција. Во текот на пандемијата, ненамерно, но по своја вина, предизвикува неколку настани кои засекогаш го менуваат неговиот, а и животот на луѓето околу него.

Ставајќи се себеси на прво место, Тони неприкосновено се држи за својата илузорна дефиниција за личната слобода. Наместо да ги храни своите лични односи со емпатија, почнува паразитски да нагризува од емпатијата и љубовта на луѓето кои се грижат за него. И полека тоне. Удолу го влече товарот на неговиот лежерен став кон животот, недостигот на сопствен интегритет и живеењето на стара слава, која исто така е под знак прашалник. Но дури ни тоа не го освестува за да стане подобар рокер и подобар човек.

Румена Бужаровска е македонска авторка, преведувачка и универзитетска професорка. Досега ги има издадено збирките раскази „Чкртки“, „Осмица“, „Мојот маж“ и „Не одам никаде“. Збирката „Мојот маж“ досега забележа единаесет изданија на македонски јазик и петнаесетина преводи на европски јазици. Во 2024 година, во издание на „Три“, Бужаровска ја објави збирката есеи „Господ, па Америка“ и нејзиниот прв роман – „Тони“.

Поврзани вести