
Издавачката куќа „Антолог“ го објави на македонски јазик романот „Мрежи“ од новата ѕвезда на шпанската литература, Елој Морено, во превод на македонски јазик на Виолета Јагев. „Мрежи“ е повик за размислување за улогата на дигиталната технологија во нашиот живот и покана за повторно поврзување со тоа што е навистина важно: личните односи, емпатијата, реалноста.
„Мрежи“, низ очите на една тинејџерка, ни раскажува за дигиталниот свет што го одзема поголемиот дел од времето на младите, но и на возрасните луѓе. Приказна за една љубов и приказ на зависноста од социјалните медиуми и нивните потенцијални опасности.
Девојка со часови ги гледа прекрасните патувања, совршените тела и аутфитите што ги прикажуваат инфлуенсерите. И несреќна е бидејќи не може да води животот како од онлајн-светот во кој лајковите ја одредуваат среќата, а филтрите ја искривуваат реалноста. Во приказната се испреплетуваат судбините на неколку тинејџери, заробени во пајаковата мрежа на социјалните мрежи.
Романот е своевидно продолжение на „Невидлив“, кој од неодамна стана дел од дополнителната литература во средните училишта и во нашата држава. Во Шпанија и во други земји таа одамна е задолжителна или препорачана лектира во многу основни и средни училишта, бидејќи се користи како алатка за разговор за врсничкото насилство, емпатијата и менталното здравје. Според неа во 2024 година е снимена и мини-серија од 6 епизоди која е достапна на Disney+.
Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“ и на Министерствата за култура на РС Македонија. Романот е достапен во книжарниците и преку дистрибутивната мрежа на издавачот.

Елој Морено (1976) е шпански писател. Студирал компјутерски менаџмент и работел како информатичар. Поради големата љубов кон книжевноста својот прв роман го објавил самостојно и го продал во повеќе од 200 000 примероци. Подоцна објавува уште неколку романи, од кој најпознат е „Невидлив“ (2018), едно од најчитаните современи дела на шпански јазик. Морено е препознатлив по работилниците за креативно пишување и по активната комуникација со своите читатели. На 8 февруари 2025 година го соборил Гинисовиот рекорд за најмногу книги потпишани во рок од дванаесет часа – потпишал 11 088 примероци!

Македонски


