Skip to main content

Традиционалниот василичарски концерт на Македонската опера и балет вечерва со директен пренос на МРТ

Македонската опера и балет вчера и денеска од 20 часот го организира традиционалниот концерт по повод празникот Василица, годинава насловен „Диско вечер“, со програма која ги претставува во современа интерпретација најпознатите диско и поп хитови од 1970-тите и 1980-тите години со директен пренос на МРТ.

Вечерва ја славиме традицијата и музиката заедно со целата публика, во живо на Македонската радио телевизија. Искрена благодарност до тимот на МРТ, како и до сите уметници и професионалци вклучени во реализацијата, за одличната соработка и заедничката посветеност кон културата и јавниот интерес, објави МОБ на социјалните мрежи.

Во најавата за настанот МОБ посочи дека тие ќе прозвучат во симфониски аранжмани и дека овој уметнички пристап „не е само носталгично враќање кон музиката од минатото, туку и нејзино творечко преосмислување“.

Публиката ќе има можност да ги слушне делата на светски признати автори и изведувачи како Глорија Гeјнор, Дона Самер, АББА, Би Џис (Bee Gees), Мајкл Џексон и многу други, но во сосема ново руво: низ симфониски аранжмани што ја прошируваат нивната оригинална форма и ги поставуваат во контекст на современа концертна естетика. „Диско вечер“ создава мост меѓу жанровите, генерациите и музичките традиции поврзувајќи ја популарната култура со институционалната сцена на класичната музика. Таквата синтеза ја нагласува отвореноста на македонската Национална опера и балет кон современите културни текови и нејзината мисија да понуди програми што се истовремено квалитетни, иновативни и достапни за пошироката јавност, соопшти организаторот.

Солисти ќе бидат домашни и странски пејачи: Џудит. Н. Беноа од Велика Британија, Даниел Ситрит и Мартин Лин од Данска, Клара Лукас од Германија и Ана Петановска од Македонија. Ќе настапи Оркестарот на Национална опера и балет и Националниот џез оркестар.

Режисер на концертот е Дејан Прошев, диригент Емин Џијан, сценограф и автор на видеодизајнот Марија Ветероска и светломајстор Милчо Александров.

Поврзани вести