Skip to main content
Тркалезна маса на МТФ „Војдан Чернодрински“

Театарот треба да има терапевтска моќ зошто единката е битна

МТФ „Војдан Чернодрински“ / Нела Витошевиќ, Ана Ристоска Трпеноска и Ефтим Трајчов Ѓаурски

Театарот треба да има терапевтска моќ зошто единката е битна. „Сите прекрасни нешта“ е претстава што го слави животот – изјави режисерката Нела Витошевиќ на тркалезната маса на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ кој е во тек во Прилел.

Таа гостуваше заедно со тимот на претставата од официјалната селекција „Сите прекрасни нешта“ по текст на Ана Ристоска Трпеноска, на Штипскиот театар. Претставата е работена според монодрамата на Данкан Мекмилан.

Како што чувствувам, така пишувам. Депресијата како тема ми е блиска. Претходно имав текст што беше поставен во истиот театар. Текстот на Данкан го прочитав 50 пати и откако завршив го оставив настрана и го напишав својот текст – објасни авторката.

Убава дискусија за теми важни за театарот и театарските политики се разви на средбата што ја модерираше режисерот Милош Б. Андоновски. Се отворија прашањата: Дали внимателно избираме текстови што ги поставуваме, зошто се вртат наслови на едни исти текстови. Општиот заклучок на сите учесници е дека главно не постои добра комуникација кај театрите меѓу себе и се нема заедништво.

Актерот Милорад Ангелов посочи дека токму сега, во посттрауматскиот период во кој се наоаѓаме сите ние по настанот во Кочани, треба многу повнимателно да размислиме каков театар треба да ù нудиме на публиката.

Театарот има улога да биде вид брза помош за народот. Болниците ја завршија својата работа, ама сега треба ние да ја преземеме работата. Ни требаат поведри теми – за надеж, љубов – рече Ангелов.

Во духот на претставата, во која главниот лик има листа на омилени нешта, и Андоновски направи свој список на омилени нешта од претставата. Многу темелно и провокативно течеше дискусијата.

„Сите прекрасни нешта“ ја допре публиката, со оглед на темата во неа – депресијата, немањето волја за живот.

За Ефтим Трајчов Ѓаурски кој ја толкува главната улога, претставата била како сеанса во која сите биле како едно битие.

Немаше некој што работеше на претставата, а да не биде погоден. Тоа многу нè спои, нè сплоти и ни помогна да се запознаеме многу подобро.

Заеднички став на сите актери е дека претставата ги научила дека треба гласно да зборува и сериозно да се работи на овие теми во театарот.

Во функција на претставата е и учеството на младите музичари Јована Гркова (клавир) и Максим Нисев (виолончело), кои во живо изведуваат нумери, со кои ја прават претставата лиричност.

Режисерката Витошевиќ ја потенцираше потребата театарот во Прилеп конечно да добие нова зграда.

Сите ние како уметници сме одговорни да дадеме поддршка на нашите колеги од Прилеп за да добијат нов театар, дали преку петиција или друга форма. Капитализмот нè направи себични луѓе и ние веќе не гледаме подалеку од нашиот праг. Меѓутоа, како луѓе што работиме со емоции, треба да бидеме поемпатични и да гледаме за доброто на колективот. Колективот наш театарски е мал, кажа на тркалезната маса Витошевиќ.

На петтиот фестивалски ден следуваат три претстави. Во 19 часот во големата сала на „Марко Цепенков“ ќе ја гледаме „Парови“ на Ана Ристоска-Трпеноска, а во режија на Ивана Ангеловска. Играат: Трајанка Илиева-Велиќ, Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Јасмина Василева, Димитрија Доксевски, Стефан Вујисиќ, Ивана Павлаковиќ, Лазар Христов, Ања Митиќ и Нина Елзесер.

Во 22.30 часот ќе следува изведбата на „Бура“ на театарот „Војдан Чернодрински“ во режија на Џон Блондел. Играат: Игор Трпчески, Ангела Наумоска, Даниела Иваноска, Димитар Ѓорѓиевски, Наташа Ачански, Александар Тодески, Михајло Миленкоски, Катерина Чакмакоска-Клинческа и Ана Митоска.

Од независната продукција во 20 часот во кафе-бар „Тротоар“, на програмата е „Ла Макбет“ во режија на Шенај Мандак, а во изведба на актерот Хакан Даци.

Покровители на 59. издание на фестивалот се Министерството за култура и туризам и Општина Прилеп.

Поврзани вести