Skip to main content

Театар Комедија доби буџет од 2,4 милиони денари за три претстави во 2025 година

Александра Кардалевска, Синиша Евтимов и Драгана Милошевска Попов ќе режираат претстави во Театар Комедија во 2025 година, објави националната установа на официјалниот профил на Фејсбук.

Театар Комедија, за драмска дејност за која, за 2025 година е обезбеден буџет од страна на Министерството за култура и туризам на Република Македонија од 2.400.000,00 денари, по претходна согласност од управниот одбор, даде согласност финансиските средства да бидат распоредени во следниве три проекти:„Секс, лаги и главоболки”, во режија на Александра Кардалевска (колективно авторство) во висина од 200.000 денари, „Аматери”, во режија на Синиша Евтимов (според Луис, Шилдс и Џонатан) во висина од 1.400.000 денари и „Ивана, принцезата на Бургунд”, во режија на Драгана Милошевска Попов, во висина од 800.000 денари, објави Театар Комедија.

Согласно одлуката на Министерството за култура и туризам, годинава 18 национални установи добија делегиран буџет.

Според Законот за култура, годишната програма за работа на националните установи на кои им е наменет делегираниот буџет ја донесуваат директорите на установата, по претходна согласност на Управниот одбор во рок од 15 дена од донесување на решението, по што Министерството за култура и туризам и директорот склучуваат договор за финансирање на годишната програма за работа на Националната установа. Својата програма националните установи треба да ја објават на својата веб-страница.

Евтимов и Милошевска Попов оваа година ќе режираат и во Драмски театар Скопје. Во петокот беше објавено дека Евтимов ќе ја режира „Болва во уво“ од Жорж Фејдо, а Милошевска Попов „Чворот на Гидон“ од Џон Адамс.

    Поврзани вести