
Стрип-издавачот „Бункер“, во рамките на фестивалот за стрипови „Стрип Трип“ на 6 јуни, во 14 часот во МКЦ,, ќе го промовира своето ново издание од едицијата „Апслоутни почетници“, „Беше еднаш на Истокот“ од Бобан Пешов.
Бобан Пешов е истакнат стрип автор кој постигна голем успех на италијанскиот пазар. Роден е во Македонија во 1988 година, а во 1996 се преселува во Италија каде што го завршува основното, средното и високото образование. Соработува со познати личности од италијанската уметничка сцена, а во 2025 год. го објавува својот прв самостоен графички роман (негови се и сценариото и цртежот), „Беше еднаш на Истокот“, со кој постигнува огромен успех. Првиот тираж е распродаден по само неколку месеци, а делото доби бројни номинации за награди на најпрестижните италијански стрип-фестивали, како на пример, наградата „Gran Guinigi“ на вториот најголем фестивал за стрипови во светот – Лука Комикс, наградата „Palmarès“ на неаполскиот Комикон итн. Исто така, делото беше избрано меѓу најинтересните наслови за 2025 г. oд страна на реномираните „il Post“ и „l’Indiscreto“.
Во „Беше еднаш на Истокот“, авторот нè враќа во деведесеттите години од минатиот век. Додека една држава се распаѓа, насекаде наоколу, како печурки по дожд, никнуваат нови граници и полека се појавуваат првите „транзициски херои“, едно семејство од Македонија го бара патот во подобра иднина. Ова е само рамката во која е сместен графичкиот роман „Беше еднаш на Истокот“. Во него Бобан Пешов нѐ води на едно чудесно, меѓугенерациско патување: помеѓу минатото и сегашноста, Истокот и Западот, различните национални идентитети… Македонија и Италија.
Листајќи низ страниците, во приказната се преплетуваат спомените, надежите, реалноста, потрагата по припадност… И тивко, ненаметливо, речиси незабележително, провејува едно суштинско прашање:
Каде е домот, навистина?
Македонскиот превод на делото е печатен во форма на репрезентативно библиофилско издание во тврд повез. Преводот од италијански јазик е на Борјана Мојсовска, а лектурата на Милена Стојановска. Подготовката за печат ја направија „Студио КРУГ“ и Горан Митровиќ. Објавувањето на графичкиот роман на македонски јазик го поддржа Министерството за култура и туризам. Издавачот „Бункер“ годинава слави јубилеј – 15 години од отворањето на првата специјализирана книжарница за стрипови кај нас.
Авторот Бобан Пешов ќе биде присутен на промоцијата на делото во рамките на годеинешниот „Стрип Трип“ фестивал.

Македонски


