
Во преполн салон на македонскиот КИЦ во Белград и во вистинско репрезентативно и свечено празнување на македонската култура и уметност, синоќа беше отворена изложбата „„Пресек за скулптурата над“ од нашиот познат скулптор Славчо Спировски. Настанот го отворија и за уметникот зборуваа, директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров и новинарот од Македонско радио, Тони Цифровски.
Во рецензијата за оваа изложба, Маја Чанкуловска-Михајловска, пишува дека: „Спировски го провоцира погледот на гледачот преку ритмичката игра на полно-празното и прецизниот распоред на елементите во расчленета просторна инсталација. Во случајов формално би го опишале склопот на овие елементи како композиција од 15 објекти со класична форма и димензија на вообичаени галериски постаменти (110х40х40сm, облагородена иверка), кои формираат квадрат (со интригантно отсуство на еден објект кој би го комплетирал квадратот) и 32 плохи (со димензија 40х40сm) поставени на различни позиции во просторот. Авторот не го занемарува просторот во кој се сместени објектите, туку, напротив, тие се позиционирани во насока на негово целосно осмислување и доживување и се презентирани со концизната, речиси математичка поставеност.“
Исклучително внимание синоќа предизвика и појавувањето на нашиот славен пијанист Симон Трпчески, кој специјално по овој повод, дојде по неговиот последен концерт во Лондон на 22 септември.
Изложбата е реализирана со поддршка на македонското Министерство за култура и туризам, а посетителите на КИЦ Белград ќе можат да ја посетат изложбата до средината на месец октомври.