Skip to main content
Тимоти Редмонд, диригент:

Создавањето музика во живо е искуство во кое секој може да ужива

„Фантазија“ е насловен овогодишниот традиционален концерт на Македонската филхармонија кој ќе се одржи в петок, на 13 јуни, со почеток во 20.30 часот. На програмата е музиката од анимирани филмови од продукцијата на „Дизни“, а диригент е Тимоти Редмонд од Велика Британија. Како солисти ќе настапат сопранистката Биљана Јосифов, тенорот Денис Димоски и бас баритонот Иван Наумовски.

Светот на Дизни е полн со фантазија и фантастична музика, вели диригентот Тимоти Редмонд од Британија.

Тимоти Редмонд студира обоа на Кралскиот северен колеџ за музика, а подоцна се усовршува на мајсторски курсеви по диригирање со Јан Паскал Тортелије, Иља Мусин, Џорџ Хрст и Пјер Булез. Од 2006 година е шеф-диригент на Филхармонијата на Кембриџ и диригира со сите водечки британски оркестри, меѓу кои Лондонскиот симфониски оркестар, Кралскиот филхармониски оркестар од Ливерпул, оркестарот на градот Алстер, филхармониските оркестри на „Би-Би-Си“ и многу други. Кариерата го води во Франција, Белгија, САД, Финска, Босна и Херцеговина, каде што диригира со оркестри и работи на оперски продукции. Неодамна во САД, Редмонд работи како диригент на подготовките на нова опера базирана на приказната „Чарли и фабриката за чоколада“, а неодамна ја збогатува сопствената дискографија снимајќи компакт-диск со француската виолончелистка Офели Гајар за „Наив рекордс“. Неодамна дебитира во театарот „Марински“ од Санкт Петербург, диригирајќи ја руската премиера на современата  опера „Напудри го нејзиното лице“ од Томас Адес, која претходно ја диригира во Кралската оперска куќа, „Ковент гарден“ во Лондон. Оперските ангажмани вклучуваат продукции во англиската Опера Норт, Англиската туринг опера, Операта на Тенерифе, Фестивалот Глајндборн, Операта во Стразбур и Фламанската опера. Во сезоната 2009/10 дебитира во САД со операта на Сент Луис и повторно настапува во Кралската оперска куќа „Ковент гарден“ во Лондон. Во иднина го очекува премиерата на операта „Напудри го нејзиното лице“ од Томас Адес во Англиската национална опера.

Пред концертот во Градскиот парк разговаравме со Редмонд за диригентската професија, концертите на отворено, искуствата од светските сцени на кои настапувал досега, предизвиците, но секако најмногу за возбудата од музикката на нашето детство која ќе можеме да ја чуеме в петок.

Ова е музика која зборува со сите генерации, не враќа во нашето детство. Сите сме ги гледале овие филмови, а сега ќе имаме можност да ја чуеме само музиката, преку феноменалната оркестрација и преку звукот на оркестарот и солистите. Уживаме во целиот проект, секоја композиција буди различни емоции, одлично течат пробите, ќе имаме одличен концерт во петок – вели Редмонд.

На 13 јуни Македонската филхармонија во Градскиот парк во Скопје ќе одржи концерт на отворено. Концертот е насловен „Фантазија“ и најавува изведба на Дизни класици. Во Македонската филхармонија бевте дел од концертот за деца под наслов „Со Дизни низ светот“. Што ќе може да чуе овој пат публиката во Градскиот парк?

Она што е прекрасно кај филмовите на Дизни е тоа што секоја генерација ги доживува одново, па затоа песните им се допаѓаат на луѓе од сите возрасти! На овој концерт, ќе изведеме бројни омилени песни од „Аладин“, „Малата сирена“ и „Кралот лав“, како и музика од „Книгата за џунглата“, „Неверојатните“ и „Замрзнатото кралство“.

Овој концерт на отворено што Македонската фихармонија традиционално го одржува во јуни и секојпат на различна тема особено е омилен кај публиката во Скопје и со нетрпение го очекува секоја година. Секаде низ светот се практикуваат вакви концерти, па може ли да ни издвоите можеби некои кои Вам ви оставиле впечаток?

Откако двапати го диригирав концертот на отворено во Скопјe, добро знам каква прекрасна публика да очекувам! А денот по нашиот концерт, се враќам во Лондон каде што ќе диригирам како дел од годишниот концерт на отворено на Лондонскиот симфониски оркестар на плоштадот Трафалгар. Значи, концертите на отворено се нешто што сум го диригирал многу пати. Но, како да се избере омилен? Очигледно, свирењето пред 20.000 луѓе во Скопјe или 10.000 луѓе во Лондон е секогаш неверојатно искуство. Но, исто така е и свирењето на необични или особено убави места – во дворот на стар замок во Франција, со поглед на морето на италијанскиот остров Искија или на драматична лебдечка сцена во Кина. Каде и да се одржи концертот, најважно е илјадници луѓе да добијат можност да го слушнат магичниот звук на оркестарот.

Со оркестарот на Македонската филхармонија сте настапувале повеќе пати. Како течат подготовките за претстојниот концерт? Ќе има ли солисти? Ќе има ли можеби некакво изненадување за публиката?

Редовно диригирам со Македонската филхармонија од 2010 година – па ова е моја 15-та година како гостувам во Македонија. Секогаш е задоволство да се работи со оркестарот и сите сме многу возбудени за оваа програма. Ни се придружуваат три прекрасни пејачи кои ќе настапат со оркестарот. Што се однесува до изненадувањата, сè што ќе и кажам на публиката е, бидете подготвени понекогаш да ни се придружите!

Како шеф-диригент на Филхармонијата на Кембриџ диригирате со сите водечки британски оркестри: Лондонскиот симфониски оркестар, Кралскиот филхармониски оркестар од Ливерпул, оркестарот на градот Алстер, филхармониските оркестри на „Би-Би-Си“ и многу други, како и со оркестри во Франција, Белгија, САД, Финска… Ве очекува премиерата на операта „Напудри го нејзиното лице“ од Томас Адес во Англиската национална опера…Како успевате? Диригентската работа воопшто не е лесна иако гледано од страна изгледа така?

Имам голема среќа што можам да работам работа што ја сакам и која ме води низ целиот свет. Како и со сè, колку повеќе вложувате во неа, толку повеќе добивате. Затоа, поминувам исто толку време во учење и планирање колку и во вежбање и настапување – тоа е работа што бара огромно време. Но, уживам во секој аспект од она што го правам и се чувствувам многу привилегиран што работам во овој прекрасен свет на музиката.

Едно од нештата што најмногу ми се допаѓаат во мојата работа е можноста да ја споделам музиката што ја сакам со толку многу различни луѓе. Значи, можеби диригирам сосема нова опера во Виена или концерт за филмска музика во САД, можеби создавам концерти за млади луѓе во Шведска или настапувам на фестивал во Естонија – но во срцето на сето тоа е надежта дека музиката што ја изведуваме ќе ги инспирира луѓето што ја слушаат и дека ќе се вратат од изведбата потсетени дека создавањето музика во живо е искуство во кое секој може да ужива.

разговараше: Невена Поповска

Поврзани вести