
Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“ ги соопштува добитниците на меѓународната награда „Гоцева мисла“ за 2026 година, што традиционално се доделува во пресрет на 4 февруари, роденденот на Гоце Делчев и на неговата знаменита мисла: „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“, се наведува во денешното соопштение на организаторите.
Се додава дека наградата „Гоцева мисла“ е високо признание што се доделува на личности кои со својот творечки, културен и интелектуален ангажман значајно придонесуваат за афирмацијата на македонската култура, литература и духовни вредности во меѓународни рамки, како и за унапредување на културниот дијалог меѓу народите.
Досега, меѓу добитниците на наградата „Гоцева мисла“ се бројни истакнати автори, преведувачи, уметници и културни работници од различни земји, меѓу кои се: Златко Крамариќ (Хрватска), Олга Панкина (Русија), Даниела Костадиновиќ (Србија), Тања Попова (Бугарија), Звонко Танески (Словачка/Македонија), Волф Ошлис (Германија), Горан Калоѓера (Хрватска), Сабахудин Хаџиалиќ (Босна и Херцеговина), Лилјана Јанаќковиќ (Србија), Ресул Шабани (Македонија), Суат Енѓулу (Турција), Елка Наголова (Бугарија), Ристо Василевски (Србија), Кирил Темков (Македонија), Жан-Патрик Конрад (Франција), Зафир Хаџиманов (Србија), Вања Ангелова (Бугарија) и други истакнати културни фигури од Европа и пошироко, се додава во соопштението.
Добитници за 2026 година се Зорица Митровиќ од Белград и Петре Димовски од Битола.
На Зорица Митровиќ наградата ѝ се доделува за личниот придонес и животното дело во афирмацијата на македонската култура и идентитет во дијаспората. Поточно, наградата „Гоцева мисла“ ѝ се доделува на Зорица Митровиќ за нејзиниот исклучителен личен придонес и животно дело во афирмацијата, зачувувањето и развојот на македонската култура, јазик и национален идентитет во Република Србија. Како претседателка на Здружението на Македонците „Македониум“ од Белград, Зорица Митровиќ одигра клучна улога во градењето на Здружението како современа и активна културна платформа, што покрај организацијата на традиционални манифестации, реализација на литературни, музички и уметнички проекти, активно придонесува за креативниот развој и меѓукултурната соработка помеѓу културните чинители и институции во регионален и меѓународен контекст, се појаснува во соопштението.
Надвор од институционалното раководство, како што се истакнува, нејзиниот личен ангажман и визија се одликуваат со доследност, организираност и поширок општествен одѕив, а нејзиното дејствување е пример за постојана посветеност на културното јадро на македонската заедница во дијаспората. Нејзиниот ангажман, се нагласува, претставува редок пример на долгорочна, систематска и визионерска работа во полза на македонската заедница, но и на поширокото мултикултурно и мултијазично општество.
На Петре Димовски наградата му се доделува за исклучителното книжевно творештво и животното дело во македонската литература. Поточно, наградата „Гоцева мисла“ му се доделува на Петре Димовски за неговиот исклучителен и долгорочен придонес во развојот на македонската книжевност, како и за богатото и жанровски разновидно творештво што остава трајна трага во македонската културна историја. Тој е автор на повеќе од педесет дела – меѓу кои 21 роман, 17 збирки раскази и 7 драмски и монодрамски дела. Димовски со својот книжевен стил, тематска длабочина и континуирана творечка енергија, го збогатува македонскиот книжевен канон. Неговата книжевна продукција е предмет на анализи, студии и обработки, а тој е овенчан со бројни награди и признанија, меѓу кои се „Стале Попов“, „Ванчо Николески“, „4 Ноември“, „Прозни мајстори“, „Живко Чинго“, „Тренд“, „Вермилион“, „Крсте Чачански“ и други. Воедно, значаен е неговиот културен придонес како основач, уредник и организатор на книжевни иницијативи во Битола и поширокиот регион, додаваат организаторите.
Со овие доделувања, се истакнува, наградата „Гоцева мисла“, што веќе ги има наградувано бројните истакнати личности од медиумите, културата и книжевноста, ја потврдува својата улога како едно од позначајните признанија за афирмирање и унапредување на македонските мисла, јазик, писмо и култура во современиот глобален контекст.

Македонски




