
Балетската претстава „Градина на почетоците“ по музика на Стојан Стојков, ќе биде премиерно изведена вечерва во 20 часот на сцената на Националната опера и балет. Стари, антички музички записи биле инспирација за композиторот Стојков да ја создаде музиката пред повеќе години, а либретото е работено според поемата на Ефтим Клетников, „Маж и жена со лице спроти ѕвездите“. Kореографијата е на Џан Арслан од Турција.
Со оваа претстава, НОБ ја отвора новата сезона.
Композицијата не е романтична, туку е повеќе современа, со интересна оркестрација. Мојот предмет на интерес и работа беше полифонијата. Истражувам и им пренесувам на студентите музика од пред 7. век. Во тоа истражување наидов на интересни антички примери кои сакав да ги слушнам, зашто малку се познати во музиката, иако во историјата и литературата има вакви записи. Оттука почна целата работа, потоа се надоврзуваа сликите и така се направија вкупно девет. Јас претпочитам македонски рурален фолклор, кој е податлив за обликување на сценско дело и композиторски приод. Сакав на моите студенти да им покажам дека треба да знаат да создадат дела и врз база на духовна музика и врз база на електронска музика и врз база на современите текови во творештвото – рече Стојков.
Играат: Mарија Кичевска-Шокаровска, Ева Перковска, Франциско Хименес Руиз (Шпанија), Симона Колиштркоска и Ендру Кук (Англија). Со Оркестарот на МОБ ќе диригира Иван Еминовиќ.