
Интердисциплинарниот и мултимедијален фестивал „Културен амалгам“, почнува вечерва во 20 часот во НУЦК „Трајко Прокопиев“, Куманово. На програмата е ревијална изложба на алтернативни фотографски техники „ФотоСинтеза“ и премиера на документарниот филм за Јанаки и Милтон Манаки „Манаки-Приказни во слика“.
Ревијална е изложбата на алтернативни фотографски техники. Фотоклубот Ирис основан во 1958 година во рамките на Студентскиот културен дом во Темишвар, Романија, е познат по практични работилници со алтернативни фотографски процеси. Повеќе од четириесет автори, членови на клубот, ќе ги претстават своите дела пред кумановската публика.
Кумановци ќе го проследат документарниот филм „Манаки-Приказни во слики“, во режија на Роберт Јанкулоски и сценарио на Илинденка Петрушева и Јанкулоски. Филмот, снимен во периодот 2017/2018 година, ја раскажува автентичната приказна за браќата Манаки, преку внимателно одбрани архивски фотографии, авторите нудат проверена и веродостојна реконструкција на нивната работа.
Фестивалот, поддржан од Министерството за култура и туризам има за цел да ја децентрализира културата. Оваа година фестивалот се реализира во два града Куманово и Крива Паланка. ам/нд/