
Во петокот, на 7-ми ноември, во духовното светилиште на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, не се отвори само изложба, туку се отвори момент на вечност кон другиот свет, кон оној внатрешен и невидлив свет во кој бојата станува молитва, а тишината – сведоштво. Тоа не беше настан, туку обред, евхаристија на светлината, литургија на духот. И името на тој обред е Сергеј Андреевски- уметникот кој ја претвора тишината во видение, а светлината во откровение.

Изложбата „Слики од под планината“ не е збирка на дваесет платна во масло, туку таа е молитвен псалтир на боите, поетика на создавањето, иконографија на внатрешниот човек. Секое дело е литургиски момент, миг во кој невидливото се преточува во видливо. Како што древниот пророк го слушал гласот Божји „во лесниот тивок ветар“, така и Андреевски ја слуша светлината што шепоти од длабочините на тишината.
Сликарот што ја слуша светлината
Сергеј Андреевски не е само уметник, тој е свештеник на бојата, поет на светлината, монах на линијата. Неговата четка не создава предмети, туку молитви вобоја. Во неговиот свет, формата е збор, бојата е мисла, а сликата е свето писмо во тишина.
Секое негово платно дише, та ти се чини дека го чувствуваш како пулсира со некоја внатрешна енергија, со благост и светлина што не потекнува од сонцето, туку од внатрешното небо на човекот. Погледот не стои пред неговите слики, туку се поклонува, та ти се чини дека во нив се влегува, како во храм, со воздив и молитвено срце.
Во неговите зелени предели, во ликовите што ги милува светлината, во жената што тивко седи под лозата, во детето што го сонува хоризонтот, во човекот што стои пред бескрајот, се чувствува првото создавање, она кога Бог рече: „Нека биде светлина“. Секоја зелена нијанса кај него е спомен на Рајот, секоја сенка е спомен на падот, а секој зрак е исповед на враќањето.
Под планината – таму каде што тишината зборува
Под планината, таму каде што небото се наведнува кон земјата, каде што зборот се претвора во здив, а здивот во молитва, таму Андреевски го пронаоѓа својот духовен универзум.
Планината не е само географија, таа е икона на духот, архетип на возвишеното, место каде што човекот се сретнува со вечноста. Под нејзиниот таинствен свод, Андреевски создава светови од светлина, луѓе од тишина, простори од мир.
Ликовите во неговите дела се човечки, но и космички. Тие се истовремено човекот и симболот, индивидуа и архетип, живот и мит. Во нивните лица живее молитвата на целото човештво, тивка, смирена, побожна.
Андреевски – патник низ светот, чувар на изворот
Од првиот допир со бојата, Сергеј Андреевски ја почувствувал тежината на светлината. По дипломирањето на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (1986), неговата душа, гладна за созерцание, патувала низ Рим, Париз, Нирнберг, Орхус, Имадате, Истанбул, Лексингтон, Кромарти, Александрија и Сиди Бу Саид.
Секој град му беше храм на искуството и икона на нова светлина. Но, изворот од кој никогаш не се одвоил е Македонија, земјата под планината, земјата на светоста, на старите манастири и тивките води, на сонцето што се спушта врз иконостасите и го обесмртнува времето.
Со повеќе од шеесет самостојни изложби и над двесте групни настапи низ целиот свет, со дела сместени во најугледни музеи и приватни колекции, Андреевски не се претставува само себе си, туку македонскиот дух во космичка димензија. Тој е патник на светот, но и чувар на изворот, изворот на светлината што никогаш не се гаси.
Уметноста како тивка теологија
Во творештвото на Андреевски постои нешто што е повеќе од естетика, тоа е богословие во боја, созерцание во тон, молитва во форма. Тој создава уметност што не бара објаснување, тој создава уметност што не зборува со зборови, туку со зраци исенки, со тишина и присуство.
Бојата кај него не е материја, туку енергија на духот. Зеленилото е благодат, сината е воздигнување, жолтата е божествена искра, а белината е откровение. Сето тоа заедно создава музика што се слуша со душа, музика на македонската светлина, која извира од срцето на Македонија, таа е онаа музика што се слуша на изгрејсонце во камбанарија, во мирот на лозјето, во шепотот на иконата.
Возвишениот гениј на суптилноста
Во време на врева и површност, Андреевски го возвишува својот глас, тој не се обидува да го надвика хаосот, туку зборува со сигурност, и секој негов збор пробива како зрак светлина низ бурата, создавајќи мир и нови видици во просторот, како громогласен шепот. Во секоја негова композиција има монашка дисциплина, чистота што потсетува на иконописец кој работи не со рака, туку со молитва.
Секој негов потег е акт на смиреност, секоја сенка е исповед на духот. Во неговата уметност нема ништо случајност, сè е избалансирано, прецизно, а сепак живо и моќно. Тој создава како што монахот создава икона, не за да ја покаже нејзината убавина, туку за да ѝ даде душа, да ја освети.
Пантеон на македонската духовна уметност
Со својата исконска оригиналност, со својата поетска мисла и со својата духовна длабочина, Сергеј Андреевски е стожер на македонската уметничка свест, висок свод во Пантеонот на нашата духовност.
Тој не го слика само видливото, тој го обликува невидливото што нè обликува сите нас. Во неговите дела живее еден онтолошки оган, оган на македонската душа, на традицијата што ја преминува историјата и се вкоренува во вечноста.
Македонија, преку неговото сликарство е светлина под планината, духовен простор на вечниот живот.
Уметноста како пат кон светлината
Сите што беа присутни на оваа изложба не беа само сведоци, туку, беа учесници во света тајна, би рекол, причесници на светлината. Во секоја слика почувствувавме како нешто невидливо да се движи низ бојата, како тишината да добива глас, а светлината да зборува со љубов и за љубов.
Оваа изложба е потсетник дека уметноста е пат кон светлината, дека генијот е секогаш смирен, и дека вистинската убавина е секогаш тивка.
Боите на Андреевски нè учат да гледаме со срце, да го слушнеме шепотот на светлината, да го препознаеме Божественото во секој човечки здив. Неговата тивка, но возвишена посветеност е служба на духот, молитва за светот, песна за Македонија што не згаснува.
И затоа, нека оваа изложба се памети не само како уметнички чин, туку како воскресение на светлината, како доказ дека човекот сè уште може да се поклони пред убавината, и во неа да го најде Бог.
Проф. д-р Зоран Пејковски

Македонски








