Skip to main content

Сѐ уште не се вработени инспектори во Инспекторатот за употреба на македонскиот стандарден јазик, бидејќи се чека согласност за вработување од МФ, рече директорката на Инспекторатот, Менче Андреева

Сѐ уште не се вработени инспектори во Инспекторатот за употреба на македонскиот стандарден јазик, бидејќи се чека согласност за вработување од Министерството за финансии, рече директорката на Инспекторатот, Менче Андреева, на брифингот со новинарите организиран од Министерството за култура и туризам.

Таа истакна дека од крајот на март, после нејзиното назначување, било направено се она што морало да се направи.

Направивме усогласување на Законот за македонски јазик со Законот за инспекциски надзор. Откако ова усогласување ги помина собраниските процедури , Инспекторатот го ставивме во функција како орган во состав на Министерството. Направивме измена на планот за  систематизација на Министерството и со тоа беа утврдени работни места кои треба да бидат во рамките на Инспекторатот. Систематизирани се вкупно 50 работни места, од кои 28 се однесуваат на работното место инспектори, рече Андреева..

Во меѓувреме поднеле и барање за измена на планот за вработување на Министерството, во кој биле содржани работни места само за инспектори.

Бидејќи во овој период работиме со административните работници и службите од Министерството, решивме работните места да ги ограничиме само на инспектори и со тоа да ја убрзаме постапката за вработување. Се уште чекаме согласност од Министерството за финансии. Според систематизацијата се 28, но бројот кој ние го бараме е многу помал. Колку вработени ќе има точно ќе видиме по добивањето на оваа согласност. Се надевев дека до 31 декември ќе имам можност да објавиме конкурс за избор на инспектор, но верувам дека тоа ќе се случи многу скоро, бидејќи ги правиме сите напори и сѐшто е во наша моќ вработувањата да се случат колку што може побрзо“, додаде директорката.

Откако ќе се вработат инспекторите треба да имаат обука од 12 месеци, па после таа обука да полагаат испит и да се стекнат со лиценца. Но, вели таа, обуката се состои од два дела, првиот трае 3 месеци и тоа е теоретска обука. Во останатиот период од 9 месеци, тие треба да работат на терен со помош на ментори и тогаш ќе имаат можност да направат увид во состојбата на терен.

Инспекторатот подготвува информација која треба да биде доставена до Генералниот секретаријат на Влада, со која се бара од сите државни инситуцуии да достават до Инспекторатот известување дали имаат систематизирано работно место лектор во својата институција и дали имаат вработено лектори.

Сакавме со тоа да направиме една анализа колку лектори се вработени и колку вработувања ќе треба да се направат во наредниот период. Сега не сме во можност како Инспекторат да им наложиме во институциите да вработат лектори. Тоа ќе може откако ќе се вработат инспекторите и ќе се стекнат со лиценца“, реле Андреева.