
Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје вечерва во 19 часот ќе се одржи разговор со писателка Хана Корнети. Нејзината збирка раскази „Каде леташ, Јулија?“ е книга на месецот во Библиотеката и дел од четвртиот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“. Разговорот со Корнети ќе го води Александра Јуруковска, а фрагменти ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
Според Наташа Атанасова, расказите во „Каде леташ, Јулија?“ се одлепени, фантастични, хумористични, апсурдни и длабоко прецизни.
Со нејзиниот уникатен стил изграден преку колоквијален јазик, полн со хумор и длабинско проникнување, Хана нè става во друштво на неверојатни ликови низ незамисливи ситуации. Уште поневеројатно ни се чини што во ликовите од нејзините раскази како во огледало се гледаме самите или ги препознаваме луѓето околу нас – пишува Атанасова.
Хана Корнети (1992, Скопје) е авторка на збирката раскази „Млечни заби“ (2021, Или-Или), романот-фантастика за деца „Илина и шумските тролови“ (2023, Или-Или), чиј втор дел се очекува на есен во 2025, нефикцијата „Croprising: Good Weeds & Bad Gardeners – A Guide“ во соработка со Ивана Чалоска и Димитар Самарџиев (2023, Private Print), и „Каде леташ, Јулија?“, уште една збирка раскази за возрасни (2025, Или-Или). Добитник е на награди за краток расказ и за пиеса, додека „Илина“ влегла во потесен круг за роман на годината и е финалист на регионалниот избор Штефица Цвек. Во слободното време пишува аматерска музика, со еден издаден албум, „Голи песни“ (2023, Шарла).

Македонски






