Македонскиот режисер Иван Поповски е избран за најдобар театарски режисер во 2024 година во Русија според гласовите на публиката. Тој ја доби наградата „Ѕвезда на публиката“ која е востановена во 2008 година. Поповски наградата ја доби за претставата „Обично чудо“ на реномираниот Театар Вахтангов.
Наградата „Ѕвезда на публиката“ е симбол на непристрасна оценка и јавно признание, бидејќи лауреатите ги избира најмасовното жири — повеќе илјадната публика. Победниците за 2024 година ги одбраа повеќе од 178 илјади гласачи — токму толку луѓе учествуваа во гласањето за номинираните. Во текот на театарската сезона, публиката ги избира омилените претстави и ги номинира он-лајн на интернет порталот (https://www.teatral-online.ru/star). А на крајот од секоја година, по резултатите од гласањето, на свечена церемонија се објавуваат победниците.
Поповски три децении живееше и работеше во Русија, а во изминатите години се врати во Македонија. Неговите претстави се оценувани како спектакли, а од руската критика добива најпозитивни рецензии.
Пролетва, во Националната опера и балет ја постави операта „Трубадур“ за отворањето на Мајските оперски вечери, а претходно во Македонскиот народен театар ја режираше „Мајсторот и Маргарита“.