
На 17 мај 2025 година, со почеток во 19:00 часот, во просториите на Факултетот за драмски уметности, ќе биде промовиран петтиот роман на авторката Ана Стојаноска, „Неколку тишини подоцна“.
Промотори на романот ќе бидат професорката Лидија Капушевска-Дракулевска и писателот Владимир Јанковски, а извадоци ќе читаат Верица Ацеска, Ангела Стојановска и Филип Трајковиќ.
Станува збор за дистописки роман, структуриран/компониран како симфонија, што е за прв пат во македонската литература да се искористи ваквиот начин на структурирање на наративната мрежа. Паралелно раскажува неколку различни приказни, на неколку различни места на земјината топка, каде што главните ликови се соочуваат со голема пандемија по короната, со крах на економскиот систем и дигиталните валути, како и со падот на човечките заедници.
Романот ја раскажува приказната низ неколку различни перспективи за да не донесе до крајот на светот. Ликовите се носители на неколку главни топоси во процесот на зачувувањето на човештвото од неизбежното рушење. Како што е тоа вообичаено за жанрот, покажано е на кој начин почнува крајот и на кој начин се прават обидите не да се спречи, туку да се уништи во целост. Во романот се посочува улогата на фармацевтската индустрија, големите финансиски фондови, лични приказни и улогата на дарквебот, како и една поморска приказна која на некаков начин ги спојува сите во една.
Она што го издвојува романот „Неколку тишини подоцна“ е лиричната структура и ритмичноста која во себе намерно ја крие суровоста на светот што исчезнува.