Skip to main content

Промоција на „Danse Macabre“, книга раскази на Тина Иванова


На 22 мај (четврток), со почеток во 19 часот, во „Котур Кафе“ ќе се одржи промоција на новата книга на Тина Иванова, со наслов „Danse Macabre“. Станува збор за збирка од осум раскази кои, иако различни, ги поврзува иста тематика – како што сугерира и самиот наслов, алегоричен и гротескен приказ на смртта и животот.

Книгата „Danse Macabre“ неодамна излезе од печат во издание на „Темплум“, а нејзиното прво претставување се случи на годинашниот Саем на книгата во Скопје. Ова е прва книга раскази од музикологот и писателката Тина Иванова, која досега има создадено повеќе литературни дела во различни жанрови.

Промоцијата ќе биде збогатена со музички настап на бендот во состав: Иван Бејков (контрабас), Филип Динев (гитара) и Ристо Ивановски (гитара).

Модератор на настанот ќе биде писателот и уредник Никола Гелевски, додека книгата ќе ја промовира филмскиот критичар и писател Златко Гелески.

Во кусата рецензија за книгата, издавачот Никола Гелевски напиша:

„Чудна, т.е. чудесновишна книжевност сместена во осум тешко заборавливи раскази: готски хорор во Скапан град, каде што бесознанието се испреплетува со мракобесието.
И по ред: морничавоста е испреплетена со социологијата на малограѓанството, културните студии со некрофилијата, археологијата со лудилото, музиката со врисокот…
Ликовите се тие што ги знаеме, од овдешните куќи, улици, институции – само малце поместени, накај злочин, гнилеж и безумие.“

Тина Иванова (1976 година во Скопје) дипломира музикологија на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Има долгогодишно искуство како новинарка, музичка критичарка и уредничка; работела во „Утрински весник“, Македонско радио, радио Канал 103 и Македонската информативна агенција. Од 2014 година е ангажирана како асистент продуцент во Македонската филхармонија, каде што од 2020 до 2023 година ја извршуваше функцијата директорка.
Авторка е на повеќе публицистички и книжевни дела, меѓу кои: „Документ 103“, за кое е добитничка на државната награда „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ (2012), романите „Кругови“ (2013) и „Сѐ уште постои љубов или: Љубов во време на корона“ (2024), како и монографијата „Михајло Николовски – нашиот Папа Франк“, за која ја доби наградата „Панче Пешев“. Ко-авторка е на монографијата „70 години Македонска филхармонија“ и на електронската книга „Седум мали портрети на седум големи композитори“ (2015).

Покрај тоа, активно пишува поезија, текстови за песни, раскази, сценарија за детски концерти и музичко-сценски претстави за деца. Авторка е и на пет книги за деца кои наскоро ќе бидат објавени.

Поврзани вести