
Во Литературното кафе „Метаноја“ вечерва во 19 часот ќе се одржи промоција на поетската збирка „Чувари на малите нешта“ од Ана Пејчинова. Книгата е издание на „Или-или“. За стиховите ќе говорат уредниците на збирката Никола Маџиров и Наташа Атанасова.
„Чувари на малите нешта“ претставува избор од досега необјавени стихови на Пејчинова напишани од 2002 до 2025 година. Во класичен и во слободен стих, поезијата на Ана Пејчинова е посветена на невидливото: на природата и сенките, на патниците и пределите, на миговите и соништата, на молчеливите нешта кои се светилишта на суштина.
Ана Пејчинова (1973) има разновидно творечко и професионално портфолио во областа на книжевноста, визуелните уметности, филозофијата, психологијата, политичките науки и меѓународниот развој и хуманитарната помош. Родена е во Скопје, со повеќегодишни студии, работа и патувања во триесетина земји на пет континенти на светот. Има објавено четири збирки поезија на македонски јазик: „Деогае“ (1995), „Ѕверот и проѕирот“ (1997), „Златните раце на демонот“ (1999) и „Чувари на малите нешта“ (2025), како и збирка раскази „Авгански дневници“ (2008). На англиски јазик, има објавено избор стихови „Guardians of the Tiny and Tender,“ достапен на Kindle. Добитник е на наградата „Млада Струга“ (1995) и на други признанија. Нејзини песни се преведени на полски, германски, англиски, француски, фински, српски и други јазици. Како книжевен преведувач, има објавено препеви на значајни автори, главно од англиски јазик: епот „Четирите Зои“ од Вилијам Блејк, стихови од Руми и „Избрани песни од Радјард Киплинг“.

Македонски








