
Книгата афоризми под наслов „Афористичка татковина“, дело на Ирена Павлова де Одорико: поетеса, компаративка, новинарка, писателка, дводомна авторка која живее во Италија и во Македонија, ќе биде промовирана на 30-ти септември (вторник) во 19:00 часот во Друштвото на писателите на Македонија. Настанот ќе биде модериран од Татјана Алексиќ.
Промоцијата на „Афористичка татковина“ (издание на „Интеракција плус“, 2023), која авторката ја посветува на својот татко, неодамна починатиот водечки македонски афорист Живко Павлов, воедно ќе биде омаж на овој бард на македонскиот хумор и сатира. На неа, покрај поетесата Де Одорико и претседателот на Друштвото на писателите Живко Грозданоски, пред присутните ќе се обратат и: сатиричарот Димитар Вилазорски, поетесата Силвана Димитриевска и поетот и новинар Вангел Божиновски. Можност да се обратат ќе им биде дадена и на други присутни, а ќе бидат прочитани и рецензии од академик Катица Ќулавкова и од проф. Венко Андоновски. На крајот од вечерта, која ќе биде збогатена со три музички настапи на артистот Дејан Бобиќ, накратко ќе се обрати и внукот на Живко Попов, Марио де Одорико.
Песните од оваа книга се напишани со целосна посветеност во чест и по углед на поетиката на хуморот и сатирата на Живко Павлов. Не постои само интертекстуалност, ни само интердискурзивност и интердисциплинарност, постои и нешто што би го нарекле интерпоетичност: вкрстување на поетиката на хуморот и поетиката на лириката, вели Ќулавкова.